Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад(а) визуелен(а) уметник(чка) до 35 години
Организациите ФРУ – Факултет за работи кои не се учат – Битола/Скопје и Центар за современи уметности – Скопје, по четринаесети пат го организираа процесот за доделување на за наградата ДЕНЕС за млад(а) визуелен(а) уметник(чка) до 35 години.
Жири комисијата во состав: Маја Чанкуловска – Михајловска, историчарка на уметност и кураторка при Национална галерија на Македонија, Јован Ивановски, професор на Архитектонски факултет во Скопје и Зорица Зафировска, уметничка и последна добитничка на наградата ДЕНЕС, одбра четри финалистики кои понатаму се натпреваруваат за наградата која ќе се додели во април 2018 година.
Во изборот на 4 финалисти влегоа:
– Верица Ковачевска
– Наташа Неделкова
– Анастасија Пандиловска
– Ивана Сиџимовска
По овој процес на одбирањето на финалистките, следува изработка на ново дело кое ќе се претстави на групна изложба во април 2018 год. а според тоа жирито ќе ја избере и добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited.
Кратки биографии на уметничките:
Верица Ковачевска (1982, Скопје) дипломирала на одделот за визуелна уметност со театар и перформанс на Универзитетот во Плимут во 2004 год. и магистрирала на уметност, култура и образование на Универзитетот во Камбриџ во 2007 год. Таа учествувала на многу интернационални изложби и фестивали како Манифеста 11 (Цирих), re.act.feminism, Akademie der Künste (Берлин), 4. Московско биенале за современа уметност (Москва), Белград: Неместа, Музеј за современа уметност (Белград), Other Possible Worlds – Dictionary in Space, Casino Luxembourg (Луксембург). Помеѓу повеќето нејзини самостојни изложби е и „Секојдневна уметност, Уметноста на секојдневието“, Музеј на современа уметност (Скопје).
Наташа Неделкова (1993, Скопје) дипломирала на ФЛУ во Скопје, изучувала современа уметност на факултетот ЕСАМ во Каен/ Шербур во Франција (2013/2014), а моментално живее во Лион каде студира „Кинематографија (истражување)“ на универзитетот ЕНС Лион.
Таа е еден од креаторите на Кула – Независниот културен центар (активен 2014-2016 год.) како и мултимедијалниот фестивал „Под земја полесно се дише“ (од 2013 година). Од 2013 год. е дел од уметничкото дуо Нама Кардел заедно со Амир Карахасан.
Нејзината работа е често од колаборативен карактер, аудиовизуелна, достапна на интернет и лесна за следење. Таа е исто така репетитивна и мелодична, каде звукот и гласот доминираат и ја истражуваат потребата, важноста и позициjaтa на сликата. Таа учествувала на многу изложби во Македонија, Шпанија, Шкотска итн.
Анастасија Пандиловска (1991, Скопје) е уметничка од Скопје со постојано живеалиште во Амстердам, Холандија. Пандиловска дипломирала на академијата „Gerrit Rietveld“ во Амстердам, во 2015 год. Во 2016 год., добитник е на наградата за современа уметност – „Eeckman” (Белгија) а во 2017 год. доби лауреат за зинот „Paragraphie” кој е создаден во соработка со Ана Јовановска и Амир Карахасан.
Таа има учествувано на повеќе изложби меѓy кои: „A Decorated Room with Invaded Ideas”
(2017, Бугарија), „Совршениот Уметник” (2017, Македонија), “Time, Space and Architecture” (2017, Холандија), “Space Invaders IV” (2016, Финска), “Girls own the Void” (2016, Холандија), „Mémoires d’images récurrentes“ (2016, Белгија), „Biocentric readings” (2016, Холандија).
Ивана Сиџимовска (1982, Скопје) е визуелна уметница и истражувачка на урбаниот простор. Таа има завршено додипломски студии на ФЛУ во Скопје (2001-2006) и магистерски студии на Факултетот за Ликовна Уметност Берлин – Вајзенсее, оддел Просторни Стратегии (2008-2011). Oд 2012 год. таа е докторски кандидат на Баухаус Универзитетот Вајмар, Факултет за Дизајн и Медии.
Меѓу позначајните учества на изложби се: (2016) RECOUNTING SKOPJE, Прес Ту Егзит, аудио прошетка – Скопје; (2015) FLOATING GESTURES (со Јасна Димитровска), o.T. Projektraum, перформанс – Берлин; (2015) THE EXPELLED MUST BE CREATIVE IF HE DOESN’T WANT TO GO TO THE DOGS, Nationless, Музеј на Југословенска Историја, постер – Белград; (2014) Dislocations 2014, C.A.R. Contemporary Art Ruhr, аудио прошетка – Есен; (2014) TRANSIENT AMBIANCES, Dislocations 2014, Музеј Крудо, аудио прошетка – Сан Сператеж итн.
Краток историјат на наградата ДЕНЕС
Центарот за современи уметности – Скопје, во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк, почнувајќи од 2002/2003 год. ја основаа годишната награда за млад визуелен уметник до 35 години во Македонија, која, на иницијатива на партнерите од Њујорк од 2015 год. се доделува секоја втора година. Првичното жири на наградата одлучи да и го даде името по истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во Македонија во периодот од 1953 – 1955.
Од 2015 год. организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат се вклучи како партнер – организатор на наградата во Македонија. Дополнително, 2017 год. ФРУ, заедно со ЦАЦ и во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје ја организира дискурзивно – едукативната програма СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК, курирана од Ивана Васева.
Идејата на наградата ДЕНЕС е базирана на недостатокот на структурни, финансиски и инфраструктурни можности за уметниците во Македонија, и непостоењето на вакви награди, заедно со потребата да се изложи современата уметност на пошироката публика во земјава и во странство. Таа нуди нови можности за учество на младите автори, вклучувајќи и голем број на уметнички институции и професионалци во двегодишен непристрасен процес на рефлексија и одлучување.
Процесот на наградување се состои од неколку чекори:
-Селекција на четворица уметници;
-Групна изложба на четворицата финалисти;
-Резиденција во Њујорк за првонаградениот.
Методот на селекција е поделен во две фази:
-Отворен повик и номининирање од страна на истакнати критичари и уметници од Македонија
-Објавување на победникот, откако жирито на наградата ќе ги разгледа номинациите.
Оваа награда е дел од интернационалната мрежа на награди насловена Програма за награди на млади визуелни уметници (YVAA) во Централна и Југоисточна Европа.
Наградата за млад визуелен уметник до 35 години (YVAA – Young Visual Artist Award) е основана со востановувањето на наградата „Јиндрих Чалупецки“ во 1990 год. во Чехословачка под закрила на претседалот Вацлав Хавел за да оддаде признание на уметничката извонредност на младите визуелни уметници и да им овозможи искуство на резиденцијален престој во САД, со цел да се подобри улогата на културата во демократизацијата и цивилното општество. Оваа мисија и програмска рамка – да се промовира современата уметност, да се негува културната размена и да се градат капацитетите на локалните уметнички организации под покровителство на Фондацијата за култура и општество (првично Фондација за отворено општество) – го поттикнала вклучувањето на останатите десет награди кои се дел од мрежата YVAA во регионот. До денес, наградата се доделува во: Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово, Бугарија и Албанија. Во секоја од овие земји, мрежата работи во партнерство со некоја локална организација на Програмата на награди за млади визуелни уметници (YVAA – https://www.yvaawards.org/) a во текот на последните години беше установена како интернационална мрежа на слични награди со поддршка од американската фондација Trust from Mutual Understanding.
Во 2015 година организацијата Residency Unlimited (RU) беше ангажирана како организатор на програмата и како домаќин на двомесечната резиденцијална програма во Њујорк. The Trust for Mutual Understanding од Њујорк, не само што се погрижи за финансиската поддршка за програмата, туку и работи на нејзината визија, напредок и постигнувања.
www.yvaawards.org
residencyunlimited.org
Координаторка за ДЕНЕС наградата:
Ивана Васева
070 905 212
ivana.vaseva@gmail.com