Скопје, 15.10.2019
ОТВОРЕН ПОВИК
за наградата ДЕНЕС 2020
за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)/чка
во Северна Македонија до 35 години
Факултет за работи што не се учат (ФР~У) Битола/ Скопје и Центарот за современи уметности – Скопје со задоволство го објавуваат Отворениот повик за наградата ДЕНЕС 2020 за млад(а) визуел(е)на уметни(к)чка во Северна Македонија до 35 години.
Наградата ДЕНЕС се доделува на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која вклучува критичко и естетско размислување и имплементација, и е единствена награда за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во земјава.
Оваа значајна и независна награда означува двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во 2020 година.
Отворениот повик трае од 15 октомври до 5 декември, резултатите ќе бидат објавени на 10 декември, 2019 година,
а пријавувањето е на адресата: nagradadenes@gmail.com
ДИСКУРЗИВНО – ЕДУКАТИВНА ПРОГРАМА СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК
Бидејќи наградата ДЕНЕС е биенална и се доделува во 2020 год., оваа година ќе се одржи третото издание на дискурзивно – едукативната програма насловена „Совршениот уметник“, со идеја да го дополни, надогради и предизвика критичкото, аналитичко, теориско но и практично знаење и капацитети на младите уметници – кандидати за наградата ДЕНЕС но и сите заинтересирани.
Отворениот повик за учество во оваа програма се објавува на датумот кога се објавува и наградата ДЕНЕС а тоа е 15 октомври и трае до 25 октомври, 2019 година.
Програмата опфаќа повеќе практични но и теоретски предавања, работилници и семинари од интернационални културни работници со идеја да се истакне важноста на политичката и општествена димензија на уметноста но и на самите чинители на уметноста, размената на искуства и дебата, општествената инклузија на младите уметници но и нивната непосредна околина и можностите за зајакнување на едукативниот систем во земјава посебно во визуелната уметност.
Она што е особено важно да се нагласи е дека учеството во оваа програма не ги квалификува уметниците директно во финалето за наградата ДЕНЕС 2020 но организаторите силно ги охрабруваат да земат дел од неа затоа што ќе значи дополнителна референца.
Предавањата опфаќаат:
25 октомври 2019 година – предавање на Срѓан Јовановиќ Вајс во Музеј на современа уметност, Скопје
29-30 ноември 2019 година – интернационален симпозиум за работнички права на културните работници во Кино Култура, Скопје
Пријавувањето е на адреса: sovrseniotumetnikdenes@gmail.com а потребно е доставување на професионална биографија, кратко мотивациско писмо и електронско портфолио со јасно наведени активности.
НАГРАДА ДЕНЕС – НАГРАДА СО ДВОДЕЦЕНИСКИ КОНТИНУИТЕТ
Оваа значајна и независна награда е организирана во соработка со Residency Unlimited од Њујорк, поддржана е од The Trust for Mutual Understanding од Њујорк и се доделува на секои две години во Македонија. Победникот ќе има можност да присуствува на двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (http://residencyunlimited.org/) во втората половина на 2020 година.
Наградата ДЕНЕС, која го носи името на истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во периодот од 1953 – 1955 во Македонија, се доделува по четринаесети пат во земјава.
КРИТЕРИУМИ
– Наградата е наменета за индивидуални уметници до 35 години. Резиденцијалната програма е дизајнирана само за еден индивидуален уметник од земјата во дадената година кога се доделува наградата.
– Кандидатите може да поседуваат академска диплома, да бидат активни уметници најмалку 3 години во Македонија и да имаат значаен обем на дела кои биле изложени во уметнички институции како што се галерии, уметнички центри или музеи.
– Уметници кои не се жители на Северна Македонија мора да бидат препознаени за нивниот придонес во развојот на уметничката сцена и нивната уметничка кариера мора да има значајна релација со Северна Македонија. Уметници кои се емигранти би требало да се членови на македонската уметничка заедница и редовно да изложуваат во земјата.
– Уметниците кои аплицираат треба да го познаваат разговорниот англиски јазик за да можат активно да учествуваат во програмата и за да можат да се поврзат со уметници и уметнички професионалци во Њујорк.
– Ако некој уметник е спречен да присуствува на резиденцијата во наведениот период тогаш тој/таа треба да земе превид да аплицира на подоцнежен датум.
– Уметници кои работат во полето на современата визуелна уметност вклучувајќи сликарство, вајарство, графика, цртеж, инсталација, фотографија, видео, нови медиуми и перформанс се охрабрени да аплицираат. Повикот не е наменет за уметници кои работат исклучиво во областа на применетите уметности, дизајн, театар, танц и филм но сепак интердисциплинарниот пристап во современата виулена уметност е охрабруван. На овој повик уметниците можат да се пријават индивидуално или можат да бидат номинирани од уметнички професионалци кои се активни на полето на современата уметност.
ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ – ПОРТФОЛИО
Портфолиото на уметниците треба да содржи:
- Име, презиме, адреса, телефон, е-маил на кандидатот;
- Професионална биографија (на македонски и англиски јазик) – задолжително со година на раѓање!;
- Визуелен и/или видео материјал презентирајќи до 10 уметнички дела дополнет со сите информации за делото во следниот редослед – наслов, година, техника, димензии, краток опис и каде било изложено. Видеата може да бидат презентирани и преку копирање на линк (во случај ако тие се ставени на YOUTUBE или VIMEO).
- Кратка изјава за работата на уметникот на македонски и англиски јазик.
Сите документи уредно треба да бидат доставени во електронска форма на мејлот nagradadenes@gmail.com
ПРОЦЕС НА ИЗБИРАЊЕ
Интернационална жири комисија составена од 5 члена ќе избере 4 финалисти во првиот круг на селекција во декември 2019 година а во вториот круг во април 2020 година ќе ги интервјуира со цел да се избере победникот.
Четрите финалисти ќе бидат објавени на 10 декември 2019 год. а тие ќе ги претстават своите дела во рамки на групна изложба во април 2020 година во Скопје. Во рамки на изложбата ќе биде организиран и вториот круг на интервјуа на македонски и англиски јазик од страна на жири комисијата по што ќе биде прогласен и победникот на наградата.
Финалистите ќе бидат избрани врз основа на заслугите од нивното портфолио, изложените дела на финалната изложба, според претходните достигнувања и изложби и покажаниот потенцијал.
НАГРАДА ДЕНЕС: ДВОМЕСЕЧНА РЕЗИДЕНЦИЈА ВО ЊУЈОРК
Сите трошоци на победникот за време на двомесечниот престој во Њујорк ќе му бидат покриени како трошоци за виза, здравствено осигурување, патни трошоци, сместување и дневници и дополнително, тој/ таа ќе има самостојна изложба во Скопје по враќањето од резиденцијата.
ИСТОРИЈАТ НА НАГРАДАТА
Во 1990 година Венди В. Луерс, основач и директорка на Фондацијата за отворено општество, заедно со прецедателот Вацлав Хавел и група на уметници дисиденти најпрво ја основале наградата „Јиндрих Чалупецки“ во Чехословачка за да оддаде признание на уметничката изврсност на младите визулени уметници, под 35 години, и за да им овозможи искуство на резиденцијален престој во САД. Програмата на награди за млади визуелни уметници (YVAA – http://www.yvaa.tumblr.com/) во текот на неколку години беше установена како интернационална мрежа на слични награди со поддршка од американската фондација Trust from Mutual Understanding, US foundation.
Денес 10 европски земји се дел од оваа мрежа како: Чешка, Словачка, Хрватска, Косово, Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија и Бугарија.
Во 2015 година организацијата Residency Unlimited (RU) беше ангажирана како организатор на ЈВАА програмата и како домаќин на резиденцијалната програма во Њујорк.
За Residency Unlimited
Residency Unlimited (RU) е посветена на презентација, продукција и промоција на современа уметност преку неколку активности во рамки на резиденцијалните и јавни програми. Лоцирани во Бруклин, RU функционира како еден вид на динамичен простор кој организира средби на уметници, куратори, уметнички професионалци, изложби, проекции и дискурзивни програми. Во соработка со институции, организации и индивидуалци во Њујорк, САД и интернационално, RU има иницирано и развиено различни форми на професионална поддршка за корисниците на резиденцијалната програма во последните неколку години.
residencyunlimited.org
Одржувањето на наградата ДЕНЕС како и дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“ се поддржани од Министерство за култура на Република Северна Македонија и Град Скопје.
За сите прашања можете да се обратите кај:
Ивана Васева
070 905 212
Или да ги консултирате веб страниците:
www.akto – fru.org
www.cac.org.mk