Работилница и регионална конференција како дел од проектот

Работилница и регионална конференција како дел од проектот

ПОП АП АКТО – Култура за граѓански промени
во Кино Култура и ГЕМ клуб на 21 и 22 декември 2016 година

Следните активности на ПОП АП АКТО Фестивалот за современи уметности кој
овогодинешното 11-то издание го реализираше во четири градови (Битола, Скопје, Штип
и Тетово) продолжуваат како дел од проектот КЗГП (Култура за граѓански промени) на
21 и 22 декември 2016 во Скопје.

Активностите кои следуваат се: работилницата Архивирање на прекаријатната
уметност
водена од Рок Вевар (Љубљана), театарската претстава Битката на Неретва во
режија на Борис Бакал (Фрлачи на сенки, Загреб) како и регионалната конференција
Како да се архивира културата за граѓански промени? модерирана од Славчо
Димитров (Скопје).

Идејата за продуцирање на овој настан беше поттикнат од ургентноста на архивирањето
и потребата за систематско и темелно работење на запаметување на локалната културна
и уметничка продукција.

Заборавањето, меморијата и посебно кратката меморија се во центар на интересот на
ФРУ веќе подолго време, но сега, по петмесечата програма од различни кондензирани
содржини на ПОП АП АКТО Фестивалот, кои во различни контексти ги потикнаа
размислувањата за заедништвото и споделувањето како и важноста на културниот
биоритам и општествената екологија, се наметнува прашањето што останува запаметено
а што е помалку важно за сеќавање? Како се формираат политиките на архивирање и
меморирање? Кој архивира и на кој начин тоа се прави?

Од друга страна пак, продукцијата на независната културна сцена, богата содржински но
технички и продукциски многу ранлива, останува на маргинализирано ниво од
доминантните институционални формати кои во моментов тешко ја лоцираат дури и
својата одговорност за идните генерации. Па така цел еден комплексен сплет од настани
останува незабележан и оставен само на паметењето на публиката.
Па како да најдеме начин да ги смениме овие „современи“ текови?

Преку оваа програма ќе се обидеме да ги потенцираме уште еднаш и прашањата кои се
отворија во рамки на едногодишната работа на проектот Култура за граѓански
промени
во кој ќе учествуваа претставници на неколку различни уметнички
иницијативи, организации и проекти кои ќе ги споделат своите искуства како од
регионот така и од локалната културно уметничка сцена.

Програмските активности на проектот ПОП АП АКТО – КЗГП (Култура за граѓански
промени)
кои се реализираат на 21-22 декември 2016 ГОД. се вклучени како дел од
Програмата во месец декември на ПЛАТФОРМ(а) за современи изведувачки уметности
која се реализира во партнерство помеѓу Локомотива, како дел од програмата на Кино
Култура и партнерите: Регионот Нормандија во рамки на програмата за
Децентрализирана соработка помеѓу регионот Нормандија и Р. Македонија, ФРУ-
Факултет за работи што не се учат како дел од проектите Култура за граѓански промени
и ПОП АП АКТО и со Гете Институтот – Канцеларија за врски Скопје.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПРОГРАМАТА

Работилницата Архивирање на прекаријатната уметност ќе се одржи во ГЕМ Клубот
на 21.12.2016 год. (среда), од 11 до 16 часот.

Праксата на архивирање стана една од уметничките процедури и медиуми на
комуникација во широк пресек на различни уметнички пракси во современата уметност
и поради тоа развива различни пристапи како да се справи со времето и различните
реалности. Додека на Балканот – или во регионот кој еднаш беше Социјалистичка
Југославија – архивирањето на уметничките и културните пракси константно се
конфронтирало со сегрегаторските уметнички политики кои тежнеат кон бришење на
она што е креирано надвор од рамката на институциите. Затоа, овде архивите –
приватни, привремени и импровизирани – имаат неизбежна фунција на најбазично
егзистенцијално сведочење на одредени културни динамики кои се дел од
прекаријатната видливост. Оваа работилница се фокусира на Словенските привремени
танцови архиви, како пример за тактики, стратегии, процедури и трикови. Ги
претставува своите герила активности кои имаат тенденција да ги вратат архивските
единици како текстуални траги назад во прекаријатниот културен контекст и да ги
маркираат привремените темпоралности на одредени уметнички пракси. Има
тенденција да обезбеди база за одредени супресирани уметнички истории.

Рок Вевар (1973, Словењ Градец, Словенија) дипломирал компаративна книжевност на Факултетот за
уметност и општествени науки на Универзитетот во Љубљана, а студирал театарска режија (1998 – 2000) на
Академијата за театар, радио, филм и телевизија на Универзитетот во Љубљана. Учестува на театарската и
куклен театар школа – Космполитен арт работилница (Comspomolitan Arts Workshop) во Љубљана 1993 –
1996. Објавува во дневните весници (Вечер, Дело, Финансии) и списанија (Лутка, Маска, Фракција, Теорија
која Хода, Диалоги, Aмфитеатар, Литература, Апокалипса). Помеѓу 2001 и 2005 година прави три
перформанси во соработка со Симона Семениќ: A Fistful of Empty Hands, 2001, Solo No Peek, 2003, Chartography
of a Feature-length Slide Show, 2005. Тој иницираше и курираше три фестивали Taking Measures Dance Festivals
(2008 2010, 2012), ја основаше Школата за креативна критика и теорија (2008, Глеј театар, Љубљана) и е ко-
основач на платформа на младите драматурзи во Глеј театар Љубљана со Симона Семениќ во 2005 година.
Kако ментор и професор одржа серија работилници за млади критичари во рамките на ФИТ мрежа (Балтички
круг, Финска, Нитра, Словачка, Краковски реминисценции, Полска, Екзодос, Љубљана/ (Baltic Circle, Finland,
Nitra, Slovak, Krakovske reminiscence, Poland, Exodos, Ljubljana) и во некои други рамки (Софија танц недела,
Бугарија, Полски театарски Институт, Варшава ). Тој пишува рецензии и воведи на романи, збирки драми и
есеи (Emil Tode: A Borderstate, Ryu Murakami: Almost Transparent Blue, Simona Semenič: 5boys.com, Peter
Rezman: A Word Is Watching You, E.P.I. Center: 1st Act, Valere Novarina: Selected plays and Essays). Негови
текстови се објавени меѓу другите во Словенечки современи изведувачки уметности (Маска, 2006).
Рок Вевар беше помошник-професор на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана и во
Танцовата академија во Љубљана. Тој ја основа Привремената словенечка танц архива во неговиот стан во
Љубљана во 2012 година и ја презентираше во Букса културен центар во Загреб , Хрватска, а во Кембриџ, МА,
САД (симпозиум на хуманистичкиот центар Махиндра на Харвард Документ и ефикасност: Уметнички
режими на историзација, Март 28-29 2014). Книги: „ Краен рок” (избрани осврти и текстови на
изведувачката уметност објавени од страна на литера, Марибор, 2011).

Претставата „Битката на Неретва“ ќе се одигра во Кино Култура на 21.12.2016 год.
(среда) во 20 часот.

Автор на концептот и режисер: Борис Бакал
Драматургија на претставата: Ања Плетикоса
Сценографија и коавтор: Лео Вукелиќ
Изведувачи: Борис Бакал, Лео Вукелиќ
Автор на музиката и на звучните слики: Томислав Бабиќ
Костимографија: Ивана Бакал
Техника: Домагој Класниќ
Видео обликување: Ведран Сењановиќ
Графички дизајн: Иван Клис
Продукција: Фрлачи на сенки, Загреб

„Битката на Неретва“ е аисторичен, метадраматичен, перформативен антиспектакл, кој
се вклучува во потрагата на Архимедовата точка во универзумот. Тоа е наеднаш
непрекинат и неконзистентен сценски дијалог меѓу двајца луѓе во потрага по себеси. Тоа
е обид за одново смислување концепти и дарови од среќа, еманципација, слобода,
безбедност, одговорност и иднина во време на трајна супресија и презумпција за дијалог
и смисла. Оваа потрага истовремено е и фиктивна и вистинска постмисла на
секојдневното „среќно место“ внатре во просторно-временската стејџ-машина, која е
способна за одново измислување и анализирање на сѐ.
„Битката на Неретва“ симултано ги открива јавните и приватните дилеми на своите
изведувачи, но, исто така, и нивната работна, етичка, и социополитичка околина. Таа е и
перформативно предавање што се однесува на разрешените и неразрешените прашања
во политиката, човечките суштества и природата, па оттаму и вклопувањето и
девијацијата во вчерашното, денешното и можното утре. „Битката“ е наратив што
зборува за вистински и фиктивни ликови и релативитетот на нивните победи и порази,
нелинеарно трасирајќи ја историјата. Ова истражување за нашето минато, сегашност и
потенцијалната иднина во својот документарен пристап го сумира искуството од
вистинските битки, победи и порази, но, исто така, и искуството од снимањето филм за
конкретната битка.
„Фрлачи на сенки“ е многупати наградувана и критички настроена интернационална
уметничка и продукциска платформа за интердисциплинарна соработка, креативност и
рефлексија на интермедијалната уметност, која успешно ја комбинира меѓународната
соработка, правењето театар, урбаните интермедијални проекти, активизмот,
педагошката работа, видеоуметноста и кураторството во една кохерентна целина на
делото. Нивните проекти имаат континуитет од повеќе години работа, резултирајќи со
повеќе серии јавни настани и перформативни креации. „Фрлачите“ се водечки партнери
на големи и мали проекти во Европа, Азија и Северна Америка од 2002 година,
стимулирајќи ја дебатата на противречностите на тековните глобализирачки процеси,
кои се занимаваат со општествени, политички и културни теми и кои ги откриваат
акутните проблеми/теми на локалните заедници: политиките на јавен простор,
последиците од процесот на транзиција, статусот и формите на интимност, како и
системската продукција на амнезија и дисконтинуитет.

Регионалната конференција Како да се архивира културата за граѓански промени?
модерирана од Славчо Димитров ќе се оддржи во Кино Култура, на 22.12.2016 год.
(четврток), од 19 до 21 часот.

Учесници:

Рок Вевар, независен драматург и архивар на современиот танц, Љубљана
Јасмина Заложник, теоретичарка и кураторка, Љубљана
Бојан Иванов, историчар на уметноста, Скопје
Гордан Босанац, програмски координатор во организацијата „Центар за мировни
студии“, Загреб
Зоран Петровски, историчар на уметноста и кустос во НУ Музеј на современа уметност,
Скопје
Илина Јакимовска , авторка и професорка на Институтот за етнологија и антропологија
на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Скопје
Анита Ивковиќ, историчарка на уметноста и претседателка на организацијата „Центар
за современа уметност“, Скопје
Искра Гешоска, теоретичарка на уметноста и претседателка на организацијата
„Кoнтрапункт“, Скопје
Ивана Драгшиќ, социолог, „Плоштад Слобода“, Скопје
Ивана Васева, кураторка и програмска директорка на организацијата „ФРУ – Факултет
за работи што не се учат“, Битола/ Скопје
Биљана Тануровска – Ќулавковски, менаџерка во културата и извршна директорка на
Локомотива – Центар за нови иницијатии во уметноста и културата, Скопје
Филип Јовановски, уметник и уметнички директор на организацијата „ФРУ – Факултет
за работи што не се учат“, Битола/ Скопје

Текст на Славчо Димитров за конференцијата:

Според еден од најстраствените истражувачи на архивите на западната цивилизација и
знаењето продуцирано во истата, Мишел Фуко, архивот претставува содржител и
обвивка што ја организира и структурира специфичната историска страта и во која се
втиснати специфичните односи на моќ и правилата на дискурзивните формации и
условите на можност и разбирливост, односно а приори структурните принципи за
појава и видливост на тела и субјекти. Архивите, според Фуко, го изначуваат
“историското а приори“ (Фуко), односно условите за појавување, уредување,
препознавање, и видливост на тела и објекти, од една страна, и групата на правила што ја
карактеризираат хегемониската дискурзивна формација, од друга страна. Ваквото
разбирање на архивот не само што го дефинира истиот како содржител и рефлексија на
доминантните односи на моќ, туку го доведува под сериозно прашање и легитимитетот
и валидноста на архивот како извор на вистина или историски наратив. Она што го
прави возможен секој архив е токму местото на неговото симптоматско пукање:
рестрикциите, ограничувањата и исклучувањата преку кои се конституира архивот.
Критериумите за тоа што може да биде предмет на архивирање се секогаш поврзани со
инвестициите на државата, доминантниот идеолошки апарат и интереси (Мембе), како и
стравовите на државата во однос на субјектите и предметите за кои собира податоци
(Столер). Дополнително значајна во оваа линија на анализа е и самата перформативност
на самиот процес на архивирање која што избира и обликува, привилегира, исклучува и
интервенира во процесите на зачувување податоци и складирањето на наводно
непорекливите докази за историска вистина. Како слика на претензијата да го
воспостави почетокот на една историја и втемели изворот на едно владеење (содржани
во самото значење на зборот), архивата е нужно изложена на последиците од внатрешно
само-деконструирање, односно со невозможноста за финализација на почетокот и
пополнување на местото на моќта (Дерида). Одовде, се отвора и можноста да се растресат
начините на кои го знаеме минатото, како и можноста да се отворат архивите кон
непредвидливото, новото, доаѓачките податоци, детали и гласови коишто биле
исклучени и продуцирани, низ процесите на архивирање, како нечујни и бесмислени.
Овој перформативен удар останува на идноста која доаѓа и на перформативните
интервенции на различните историчари, зналци, културни работници, архивисти и
политички активисти.

Имајќи ја предвид оваа методолошка рамка, сакаме да отвориме серија прашања со оваа
конференција кои кружат околу етичко-политичката дилема за тоа како да се архивира
културата на граѓански промени и отпор. Ова прашање сакаме да го разгледаме низ
различни перспективи и преку различни области. Сакаме да ги отвориме за дискусија
механизмите преку кои се дефинира, препознава, меморира и зачувува граѓанскиот
отпор, дискурзивните и политичките апарати за легитимизација на едни, и следствено,
делегитимизација на други жаришта на отпор. Кои се гласовите кои може да се чујат, кои
се телата кои може да бидат видени како локации на отпор? Кои се последиците од
субалтеризација на одредени граѓанските точки на отпор во послените години во
Македонија, и кој/како/ и од која позиција го дефинира легитимниот и препознатлив
отпор, и кои тактики на отпор се бришат преку таквото врамување? Земајќи го предвид
разбирањето на културата низ широка и интердисциплинарна перспектива, со
дискусијата сакаме да ги проблематизираме и разбереме и апаратите преку кои се
конструира историјата на уметноста, на развојот на културата, на културата на отпорот,
на кричката култура, и на современата култура и уметност. Односно, кои процеси на
културна продукција, критика и отпор се исклучени од нашата колективна меморија и
културни архиви, и какви се последиците на таквите техники на заборав за мислењето на
нашата сегашност и инвенцијата на методи на отпор и критика насочени кон
креирањето на алтернативна иднина?
Конечно, преку преиспитувањето на границите и перформативните инвестиции во
процесот на архивирање, сакаме да го преиспитаме и дефинирањето и претставите за
јавната сфера и, следствено на тие претстави за јавната сфера, препознавањето на
политичкиот признак во различни акции, простори на отпор, и гестови во нашата
поблиска историја.

Затворањето на целиот настан ќе се одржи со настапи на скопските диџејки
Виолета Качакова и Илина Ангеловска.

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПРОЕКТОТ КУЛТУРА ЗА ГРАЃАНСКИ ПРОМЕНИ

Проектот КЗГП (Култура за граѓански промени) е проект на здружението за култура и
уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/ Скопје во соработка со
своите партнери Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата,
Скопје; Плоштад Слобода, Скопје; Центар за современи уметности, Скопје; Фондација за
развој на локалната заедница, Штип и се реализира во изминатите година и пол во три
градови: Скопје, Штип и Битола.

Проектот се базира на ставот дека културата и уметноста придонесуваат, го обликуваат
и променуваат општеството во позитивна насока, и дека не се негова кулиса и
репрезентативен феномен кој нема комуникација со општеството, секојдневието и
проблемите на граѓаните. Проектот потенцира дека развивањето на креативното
дејствување го стимулира граѓанинот појасно да ги артикулира своите локални
проблеми и поинвентивно да делува кон нивно решавање.

Во таа смисла проектот се фокусира на директна работа и вклучување на граѓаните со
целиот свој креативен капацитет во продукција на неколку јавни културно уметнички
настани кои содржински но и структурно ќе ја потенцираат доминантната локална
проблематика. Преку формата на уметноста, овие настани имаат за цел да влијаат врз
општествениот политички и социјален контекст и ќе овозможат на поефективен начин
да се активираат граѓаните и со тоа полесно да влијаат на нивните локални проблеми.

До сега се продуцираа три истражувачко – уметнички проекти како К.У.Ц. Текстил
(Културно уметнички центар Текстил) во Штип
инициран како уметнички проект на
Филип Јовановски, куриран од Биљана Тануровска Ќулавковси во соработка со Ивана
Васева. Проектот К.У.Ц Текстил беше партерски инициран во соработка со
иницијативата за заштита на правата на текстилните и кожарски работници ГЛАСНО од
Штип кој во процесот на работа веќе преминува во платформа за развој на уметнички и
социјални практики.

Потоа проектот Како мојот живот стана културен работник , кој беше прикажан во
форма на истражување околу правата на културните работници во форма на предлог
закон за промена/дополнување на законот кој би ги регулирал професионалните права
на културните работници и во форма на перфромативно предавање во авторство на
Биљана Тануровска Ќулавковси и Ивана Васева и соработка со теоретичарот на современ
танц, Рок Вевар од Словенија.

Третиот истражувачки проект кој беше продуциран е Женското тело во јавните
институции – женското тело во отпор
, во авторство на Ивана Драгшиќ под
дискурзивно и теориско менторство на Славчо Димитров и кураторство на Ивана Васева.
Проектот беше претставен во форма на „Речник на искуството“ на женското тело во
јавните институции и женското тело во отпор кој беше изведен во перформативна
форма. Тој речник се состои од најчесто користени зборови од жените при споделување
на искуствата, зборови со кои се именуваат предметите симболични за искуството и
зборови до кои е дојдено преку сублимација на многу текстови и зборовни игри.