Современи (не)демократии – Исчезнување на јавниот човек
Изложба базирана на истражување од Јана Брсакоска, Ивана Васева, Филип Јовановски, Кристијан Караџовски и Наум Трајановски
Концепт: Ивана Васева, кураторка; Филип Јовановски, визуелен уметник
6 ноември 2021 година (сабота)
12 часот
Сала за седници на Oпштина Центар
Поддржано од Фондацијата „Хајнрих Бол Штифтунг“
Концепт
Плоштадот не е веќе агора. Ако агората е место на среќавање и слободно изразување на јавното мислење, до место на отпор кон различните исклучувања и револуција, тогаш јавниот плоштад во постсоцијалистичките општества е сѐ повеќе платформа на доминација на силната врска меѓу капиталот и државата. Неолибералното урбано реструктурирање го деполитизира, еродира и „приватизира“ плоштадот и од место за политички ангажман и социјална интеракција, тој е стеснет во простор на спектакл и на пасивно голтање на консумерско-националистички содржини. Од проектот „Скопје 2014“, до споменикот на Стефан Немања на едно од најцентралните места во Белград, „највисокиот стоечки споменик во Европа“ на свети Петар Цетињски во Подгорица или, пак, споменикот на жртвите од германската инвазија во Будимпешта до идеите за највисокото Распетие во светот во Сплит, јавните плоштади се окупирани од наративи кои го јадат просторот за слобода на говор и слобода на користење на јавниот простор. Плоштадот ја губи својата политичка функција, а стеснувањето на јавниот простор го стеснува и просторот на јавна дебата и слобода на мислење, во физичка, но и симболичка смисла.
Без јавен и отворен простор за експресија на јавното мислење нема јавен живот. Или, како што би рекол социологот Ричард Сенет, како и во римските времиња и денеска учеството во res publica најчесто е сведено на дружење, а форумите на јавниот живот како што е градот се распаѓаат[1]. Главниот скопски плоштад „Македонија“ не е исклучок од ова правило, туку уште повеќе ја потврдува тезата. Обременет со богата историја на политички, општествен, но и уметнички и архитектонско-урбанистички план, тој веќе ја нема функцијата на јавност или јавна размена на спротивставени мислења. Брзата и тивка приватизација која водеше и до проектот „СК14“ го намали во обем јавниот простор и ја оневозможи циркулацијата на секојдневниот живот и средина и со тоа ја ослабна оваа негова функција. Наместо да зборуваме за арена каде што се слуша агонистичка дискусија[2], на создавање политички субјективитети, тој е повеќе место на набљудување, на пасивност и молк, отколку на јавност или на живот на улица. Со пандемијата на коронавирусот стана уште појасно дека технологијата, телефоните и социјалните мрежи станаа екстензија не само на менталното туку и физичкото постоење и произведуваат автоматско и привремено создавање приватен, но и јавен простор. Тоа го дефинира и учеството во политичкиот живот. А, промената на јавниот живот води и до промена на приватниот во кој не успеваме да ја развиеме својата личност.
Приватизацијата е идеолошки двигател на постсоцијалистичката транзиција и на реставрацијата на капитализмот. Но, на ова транзициско општество му се случи нагла и брза приватизација на општествениот капитал, преку политичка одлука, која според Борис Гројс е вештачки политички конструкт како и национализацијата. Или, како што додава, „се донесе политика одлука да се замени градењето комунизам со градење капитализам, и на тој крај (во потполна хармонија со класичниот марксизам) вештачки да се произведе класа на сопственици на приватен имот кои би станале водечки протагонисти во тој процес“[3]. Јавните простори почнаа да се намалуваат, а сето ова придружено со слабата историја на бунт, бомбардирана од милион информации и слики, лажни, вистинити и полувистинити, секојдневната оптовареност со политички скандали и коруптивни соработки, истрауматизираната од настаните во 90-тите, поларизираната дискусија а не агонистичка, јавната комуникација ја издигна до ниво на хистеризираност, критизерство и омраза. Тоа доведе до губење на аргументираноста, неконструктивно учество во градењето демократски процеси, потценување на експертизата и до уште поголема поларизираност и поделби во општеството. Антропологот Горан Јанев вели дека јавната сфера е претворена во арена за политичко-партиски пресметки во која нема место за веќе девалвираните експертски анализи. И додава: „Со етикетирањето на секое различно мислење како нешто што ‘доаѓа од опозицискиот камп’, јавната дебата е убиена и стана невозможна“[4]. Тоа може да води и до растечки конфликти и нетолеранција на етничка, родова и сексуална основа. Конфликтот во јавниот простор „може да добие форма на насилен антагонизам кога не му е дадена можност да има легитимни канали на експресија или да заземе агонистичка форма“[5].
Во таа насока, ова истражување, кое резултира со изложба на постери кои ги прикажуваат некои од позначајните резимеа на истражувачките процеси, би требало да посочи зашто и како се случи намалувањето на јавниот простор преку еден конкретен случај – скопскиот плоштад, како најизразено и највидно место за дебата, но и од друга страна да ја поттикне аргументираната дебата да се врати на правото место. Стеснувањето на јавниот простор води до стеснување или намалување на изразувањето на јавното мислење, а со тоа и намалување на демократијата. Во таа насока, скопскиот плоштад е место на кое државниот, но и приватниот апарат е здружен за поголем или личен профит и каде што правото на говор е насилно одземено во секоја смисла (културолошка, идеолошка, политичка). Овој проект ги поставува прашањата: Дали разните гласови кои се слушале на плоштад некогаш прераснале во аргументирана агонистичка дебата или се свеле само на конфликт кој сѐ уште трае? Конфликт кој го дели и поларизира општеството и со тоа го спречува неговиот развој? И какви практики и активности имаат потенцијал да го изградат градот за да се одржи плоштадот како јавен?
Во изминативе 30-ина години, на плоштад се случувале од разноразни прослави, до протести и штрајкови, алтернативни и андерграунд-разговори на Крукче и Коцка, па сѐ до протести против негово менување и градење верски објекти или насилно менување на целиот изглед во квазибарокен стил. Плоштадот заслужува поголема грижа, внимание и критичка рефлексија, која би водела до негова реполитизација, но и конечен ангажман во разрешувањето на СК14 и на сите негови метастази.
Ова истражување се одвиваше во текот на неколку месеци и опфаќа четири сегменти во временски период од осамостојувањето до денес. Процесот на денационализација и на приватизација на општествениот капитал и јавните ресурси кои водат и до намалување на обемот на јавното и на функцијата на јавниот човек, слободен артикулирано да говори, е во центарот на ова истражување. Овој процес во текот на 30 години, се истражува низ промената на главниот плоштад во Скопје нив повеќе призми: промената на архитектонско-урбанистичкиот изглед со фокус на одреден случај, а тоа е Стоковната куќа „Нама“, е тематска рамка на истражувањето на Јана Брсаковска. Наум Трајановски пишува за промената во локалната самоуправа и општествено-политички пејзаж со посебен фокус на мали изблици на солидарност на главниот плоштад. Ивана Васева прави селекција од уметнички практики кои сѐ уште ја ползуваат јавноста на плоштадот за да искажат теми важни за совремието, додека Филип Јовановски собира јавни мислења за историјатот на плоштадот. Сево ова беше засилено со мапирање на различни изблици на незадоволство и протест направено од Кристијан Караџовски.
Изложбата на постери ја пренесува итноста на пораките, од кои некои биле повеќепати повторувани. А, повикот на нивно повторно разгледување го дава и контекстот на нивно поставување.
Нам ни е потребно неполаризирано општество. Општество кое ќе обезбеди простор за размена на мислења, идеи кои ќе го рефлектираат правото на користење на градот, на јавниот простор, слободата на говор и правото на личен израз.
Ни треба простор каде што демократијата ќе биде практикувана како пример за другите институции.
Треба да ги создадеме условите за современата агора.
Фотографии од изложбата: https://www.facebook.com/media/set?vanity=akto.festival&set=a.4695869927100408
[1] Richard Sennett, Nestanak javnog covjeka (Zagreb: Naklada Jesenski Turk, 2015) стр. 10
[2] Агонизам е исто така конфликт без никакво рационално решение, туку конфликт кој ќе биде одигран на поинаков начин бидејќи луѓето кои се во конфликт не се гледааат себеси како непријатели, туку како противници. Тоа значи дека во несогласувањето тие го прифаќат легитимитетот на барањата на нивните опоненти. Chantal Mouffe, Which Public Space for Critical Artistic Practices?, 165 https://readingpublicimage.files.wordpress.com/2012/04/chantal_mouffe_cork_caucus.pdf
[3] Boris Groys, ‘Privatizations, or Artificial Paradises of Post-Communism’, Art Power (Cambridge: MIT Press, 2008): 166
[4] Goran Janev, Neoliberal Manipulation of Symbols – “Skopje 2014” and the Appropriation of Public Space https://rs.boell.org/en/2021/01/29/neoliberal-manipulation-symbols-skopje-2014-and-appropriation-public-space
[5] Chantal Mouffe, Which Public Space for Critical Artistic Practices?, 165 https://readingpublicimage.files.wordpress.com/2012/04/chantal_mouffe_cork_caucus.pdf