Проекти архива

ПРОЕКТ “5 минути независност”

Перформативен настан конципиран од Ивана Васева, Филип Јовановски и Јованка Попова во контекст на просторната инсталација „За независните – Според вистински приказни“, авторски проект на Христина Иваноска и Јане Чаловски

Одржан прв пат во рамки на настанот “Оправдано присутни- Искуства на слободата” [настан за нула јавни пари] од 6 до 8 декември 2012 год. на ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена


УЧЕСНИЦИ:

Елена Вељановска (Лине иницијатива и движење), Искра Гешоска (Контрапункт), Христина Иваноска (Проектен простор Прес ту егзит), Анита Ивковиќ (Центар за современи уметности – Скопје), Ѓорѓи Јаневски (Стотројка, Скопје), Никола Наумовски (Плоштад Слобода), Рамадан Рамадани (Институт на слободна мисла НИСМА), Биљана Тануровска – Ќулавковски (Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата)

Одржан втор пат во рамки на 28 декември, клуб ГЕМ, 19.30 часот

УЧЕСНИЦИ:

Ивана Драгшиќ, Велимир Жерновски, Кристина Леловац, Никола Писарев, Мирко Попов, ИгорТошевски

ОПИС НА ПРОЕКТОТ:

Проектот „5 минути независност“ е своевидно продолжување на проектот „ 2000-ти: ЗА НЕЗАВИСНИТЕ – СПОРЕД ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ“ на авторите Јане Чаловски и Христина Иваноска кој се создаде во рамки на поголемата кураторска иницијатива SKOPJE: THE ULTIMATE GOLDEN COLLECTION OF PERSONAL MEMORIES 1960 – 2010 vol.1 / СКОПЈЕ: ВРВНА КОЛЕКЦИЈА НА ЛИЧНИ СЕЌАВАЊА 1960 – 2010 вол. 1 продуцирана во рамки на манифестацијата „Бела ноќ“ (6 октомври 2012 год.) во Скопје. Имено, двајцата уметници беа поканети од кураторите Филип Јовановски, Ивана Васева и Јованка Попова да развијат проект кој конкретно ќе се осврне на духот на времето и уметничката продукција создадена во периодот од 2000-тата до 2010 година. Во рамки на проектот на Иваноска и Чаловски создадоа инсталација која содржи пет идентични објекти (со поднаслов АРХИВЕН МОДУЛ # 1, 2, 3, 4 и 5) кои функционираат како архивни витрини на недоволно познати или пак невидливи архиви на културни простори какви што се Проектен простор Прес ту егзит, Место, Центар за современа уметност, Културен центар Точка, и Културен центар ЦК (Т-Хaус), чии физички простори се затворија во 2000-те. Како што наведоа авторите, идејата на овој проект беше да го “освежи” критичкиот дискурс кон институционалната критика и да се осврне кон прашањето за архивирање и видливост на документарниот, процес-ориентиран придонес на неколку самосвесни, независни, непрофитни, недржавни, културни простори и проекти кои функционирале во првата декада од новиот милениум.

Ова почетно истражување на Иваноска и Чаловски во рамки на промоцијата на ЈАДРО, а насловено како „5 минути независност“, се манифестира во две целини: најпрво преку изложување на инсталацијата „ 2000-ти: ЗА НЕЗАВИСНИТЕ – СПОРЕД ВИСТИНСКИ ПРИКАЗНИ“, а потоа и со извесно надополнување кое добива форма на перформативен настан. Идејата на овој настан е да иницира јавна дискусија која ќе започне со кратки 5- минутни интервјуа на прецизно поставени прашања од страна на кураторите со основачите на ЈАДРО, со цел да се преиспита позицијата на креаторите на дел од независната сцена и механизмите на нивното функционирање. Од друга пак страна,
основачите на ЈАДРО, ќе имаат можност, преку нивните прашања до публиката, да ги дознаат индивидуалните перцепции околу делувањето на независните простори, или пак на самата иницијатива. Дискусијата која следи има за цел да ги покрене прашањата за зависноста и независноста како и автономијата на организациите во овој конкретен општествен, политички и социјален момент, во поширокиот контекст на неолибералниот капитлизам или пак во потесниот первертиран транзитен период во кој сеуште се наоѓаат земјите на Балканот, како и да ги прикаже личните ставови за слични прашања и дилеми на секој од основачите на ЈАДРО. Формата на интервју како механизам или поим го образложува Еда Чуфер која вели дека интервјуто (вербално, моментално, јавно, отворено) особено одговара за истражување и откривање на непознатото и дека има тенденција да поттикне јавен говор кој претходно не бил изустен. (Eda Čufer, “The Interview as a Tool”, oncurating, No. 14/12, pp. 25-30). Ставовите на Чуфер за интервјуто како алатка која е користена во концептуалните и постконцептуалните практики и преку која се документирале директните, спонтани и когнитивни процеси на уметниците или како медиум за објектификација на креативната субјективност (материјализизрање на процесот на „текот на свеста“), се имплементираат и во овој проект кој, преку едноставна кураторска стратегија, се обидува да ги документира „тековите на свеста“ на креаторите на актуелната независна сцена.



ПРОЕКТ „ЖЕНА И ПОЛ!“
Дискурзивен настан конципиран од Ивана Васева, Филип Јовановски и Јованка Попова во рамки на фестивалот „Прво па женско“ на 8 март 2013 год.
„Жена и пол!“ е дискурзивен настан кој има за цел јавно да ги преиспита социопсихолошките релации во патријархалното хетеросексуално семејство и традиционално општество кои се однесуваат на полова и родова дискриминација, хиерархиски, родово асиметрични, експлоатaторски односи, мизогинизам, како и сите останати скриени форми на репресија поврзани со женското прашање.
Осум кратки монолози во форма на лични „исповеди“ кои во контекст на просторната инсталација (сценски импровизирана кабина – исповедалница) се полу-интимни и полујавни, овозможуваат „препознавање“ и јавно изговарање, од избрани припаднички на женската популација, на проблеми поврзани со машката доминација, потиснатоста на жената без право на глас, патријархалната традиција, а особено за потчинетост кон „авторитетот“ – препознаен како олицетворение на црквата, нацијата, партијата, мажоттатко во традиционалното семејство, или мажот-претпоставен на работното место.
Наративноста како карактеристика на методот на исповед преку процес на раскажувањето на вистината не е единственото својство кое таа го поседува. Говорот се здобива со перформативна функција и ако во својата религиозна форма исповедта значи вербално признавање, во современата варијанта таа вклучува декларација и откривање, препознавање или приемчливост за откривање на нови чувства и размисли како дел од нечиј идентитет.
Методот на исповед всушност е обид да се отелотвори гласот на отпорот. Исповедта се перцепира низ призма на низа постапки кои го поттикнуваат субјектот кон создавање на дискурзивна вистина која станува делотворна за самиот субјект. Преку терапевтското чувство на ослободување од проблематиките со кои има потреба да се справува таа има ефективно трансформирачко дејство врз лицето што ја практикува. Оваа нова форма на исповед е афирмација за идентитет кој вклучува “современи постапки на индивидуализација, односно оние кои не се врзуваат со останатите во моментот кога истиот се потврдува”.