Офицерскиот дом да се врати во функција на културата на град Битола

Офицерскиот дом да се врати во функција на културата на град Битола

Офицерскиот дом да се врати во функција на културата на град Битола

Офицерскиот дом, познат и како Сарајот на Керим Паша, е изграден 1911-1912 година од управникот на битолскиот вилает Абдул Керим Паша, а комплетно довршен 1919 година. Редок пример на архитектура, со голема и одмерена архитектонска естетика, која покрај генералните стилски карактеристики, носи и печат на оригиналност и неповторливост. Карактеристични се еркерните балкони, покривната стреа и надвишувањето на четирите кули. Ктиторот на Офицерски, валијата Абдул Керим Паша бил вистински татко на тогаш перспективна Битола, оти покрај Офицерскиот дом, ја иницирал изградбата на дела за кои битолчани сė уште зборуваат со пиетет. Имено, го регулирал коритото на брзата планинска река Драгор, ги уредил приодите на градот, поставил канализација, имал и смелост во градскиот центар, „преку ноќ“, да го подигне Народниот театар;
започнал да го уредува излетничкото место Тумбе кафе, ги поставил основите за денешниот парк и шеталиште, насадил дрвореди, изградил болница за сиромашни, дом за сираци, хотел, кожара, уредил и опремил библиотеки итн…

Офицерскиот дом кој е обележје на град Битола и културно-историски споменик на битолската и македонската култура, според градската меморија, проектиран е од еден архитект од Милано и еден од Виена. Според други усни кажувања, зградата била дело на архитекти од Виена, Австрија и Италија. На неа работеле мајстори од селото Смилево. Се споменува и дека со градбата раководел познатиот украински архитект Валери Гусин, најверојатно, белогардеец пребеган на македонски простори.

Објектот започнал да се гради во 1911-1912 година за потребите на турските офицери, но не успеал да биде завршен во нивното време. Концептот за овој објект бил замислен како синтеза на тврдина и палата, велат архитектите. Тврдината може да се забележи во композицијата на објектот, преку појава на „кули“ и декоративни топови, додека палатата се забележува во нејзината грандиозност и елеганција, преку високите плафони и прозорски отвори.

Организацијата на фасадата е според правилото на вертикална симетрија, разчленета со хориозонтални декоративни делби. Објектот насетува влијание од „маварскиот“ стил, кој во периодот на XIX век најпрво влегува како влијание во Босна и Херцеговина. Појавата на овој историцизам е реален во поглед на естетиката која е поблиска до турското население и муслиманската архитектура на арапскиот свет. Тоа се појавите на потковичестите, т.н сараценски лаци, сликовитост на фасадата и обилната пластична декоративност. Сепак не може да се изостави познавањето на академизмот и класицизмот, според неговата потреба за апсолутна ориентација.

Објектот е подигнат на цокле, со што се овозможува елегантно  скалишно пристапување кон градината, но и осветлување на подрумските простори.

Зградата е поставена во правец Запад – Исток, со димензии од 37,2 метра со 17,9 метри. Висината на венецот е 13,9 метри, а до самиот покрив 17,3 метри.

Објектот служел за елитата на повеќе војски. Македонската армија е последната која го користеше објектот, а после АРМ, објектот стана запуштена руина. Карактеристично за ентериерот на овој објект е дека во 70тите години на минатиот век, пренесени се остатоците на двата лустера од Офицерскиот дом во Скопје. Од нив  бил создаден еден лустер, кој беше главно обележје на Домот во Битола, а денес го нема.

Градската меморија

Културното паметење кажува дека бил изграден како палата за свечени приеми, забава и одмор. Одржувани биле и безбројни балови. Во време на ЈНА, во него не можело туку така да се влези, влезот бил дозволен само за генерали, офицери и видни граѓани. Објект со душа и историја во кој многу нешта се случувале. Во него престојувале многу познати личности: Јосип Броз Тито, Анатолиј Карпов, Сулејман Демирел (најмладиот премиер на Турција), но и други.

Поранешниот началник на Домот на ЈНА, Борис Цветковски вели: „Во Офицерски, по прв пат битолчани го видоа Стеван Миленковиќ, кога беше чудо од дете. Битолскиот хор Стив Наумов скоро сите свои важни настапи пред битолчани ги држеше во неговата Свечена сала, под лустерот од скоро 500 кг., направен од остатоците на лустерите на Офицерскиот дом во Скопје. Средното музичко училиште сите свои годишни концерти ги одржуваше токму таму. Тој и биоскоп „Трудбеник“, беа местата во кои гостуваа Нови Фосили, Здравко Чолиќ и сите естрадни ѕвезди, кога Битола ја немаше Спортската сала „Младост“ и Домот на културата „АСНОМ“. Тоа беше местото каде младите битолчани играа, пееја и се веселеа на разните прослави во него или во прекрасната летна бавча во чија околина ечеше музика и песма, а во која да се влезе беше вистинска привилегија. Таму се одржуваше и фестивалот „Серенада“. Треба да се акцентира и Биоскопската сала или поранешниот „Подофицерски Дом“, во која имаше вонредни филмови за упола цена, потоа игранки и забави, како и огромниот дворски простор, кој некогаш беше пополнет со надворешна куглана, тениско игралиште, кошаркарско итн“.

Понатаму, според неговото кажување: „во „Свечената горна сала“ имаше повеќе од двесте полуфотели, специјално изработени за организирано пратење на солистички концерти, монодрами и хорски настапи, поради прекрасната акустичност на салата. Имаше клавир, пијанино, покретна 16 милиметарска апаратура и интерно озвучење. Во таканаречената „Зелена соба“ имаше специјално набавен намештај за прием на изведувачите, говорниците и другите гости кои настапуваа пред публиката. Во посебни соби имаше фото и уметнички секции со потребен инвентар. Во долната сала имаше, исто така, околу 200 кафански столици и столови за гости, како и сопствен кујнски простор со инвентар. Во подрумот имаше функционално централно греење на нафта. Каде заврши тој огромен инвентар?“ Впрочем, каде заврши сето ова?

Постарите битолчани многу добро паметат, многумина од нив токму таму ги запознале своите први љубовници. „Мојата прва званична игранка со партнерка, во костум со кравата ( без која не можеше да се влезе ) беше во Офицерски и затоа е мој дом“ – вели Мирче Неделковски

Каква е состојбата денес?

Најрепрезентативниот објект на битолски Широк Сокак, денес, е руина, намерно оставен на заборавот на времето. Со која цел? Имено, минатата година (2016г.), Владата на Р.М крајно нетранспарентно, со одобрение на државата и на општина Битола, донесе одлука за продажба на Офицерскиот дом во Битола, споменик на културата заштитен со закон, под изговор дека на тој начин ќе се врати стариот сјај на Офицерски, но, вистината е дека одлуката беше тајновито донесена за да послужи некому, односно заради нечиј интерес. Одлуката за продажба Владата ја донела на 22 декември, а огласот беше објавен на 16 јануари. Електронската аукција беше закажана во Министерството за финансии на 19 февруари. Во огласот не се наведуваше каква ќе биде намената на објектот, но купувачот (правно или физичко лице) имаше обврска да го реконструира долниот кат и да го предаде во сопственост на општина Битола, која би го користела како матично оделение. Ова загрозено, а вредно културно наследство, кое заедно со придружните објекти зафаќа површина од околу 2000 метри квадратни, беше на продажба со почетна цена за само 900 000 евра. За граѓаните ваквата одлука на Владата беше крајно неприфатлива. На оваа одлука, жестоко реагираа и остро се спротиставија повеќе неформални граѓански иницијативи, здруженија и сл. Пораката која ја испратија беше дека јавниот простор треба да остане на раполагање на граѓаните кои во демократски и делиберативен процес ќе одлучат за што ќе им служи. Целите на граѓанските иницијативи, како реакција за продажбата на Офицерски, беа:

  • Спречување на продажба на јавни простори на приватни субјекти кои јавната инфраструктура и супраструктура ќе ја користат за комерцијални цели.
  • Подигање на социјалната свест за грижата и одговорноста кон јавните добра, јавниот простор и јавната средина.
  • Подигање на јавната свест за користењето на јавниот простор како заеднички ресурс.
  • Солидарно организирање и овозможување на граѓаните активно да учествуваат во локалниот политички живот.

После овие реакции од изреволтираните и незадоволни граѓани, Владата на Р.М  го повлече огласот за продажба на Офицерскиот дом. Меѓутоа, остана да виси на „огласна табла“ она што беше посуштинско во целава ова „игра“ на интереси, а тоа беше дефокусирање на јавноста од главниот проблем. Токму оваа малициозна намера, во една прилика тогаш ја најави и Силвана Ангелевска, претседател на Советот на општина Битола, кога рече: „Целта е да имаме објект со кој сите ќе се гордееме. Таму има и еден руиниран дел, поранешен ресторан Парк, кој навистина го нагрдува ликот на Битола. Согласно Деталниот урбанистички план, се претпоставува дека таму ќе се направат целини кои што ќе го разубават просторот“. Заклучокот е дека околината на Офицерскиот дом беше главната целна мета на урбаната мафија, која очигледно беше подржана од општината на град Битола.

Која е вистинската намера и како функционира ова злонамерно здружување? За да го објасниме ова, ќе ги земеме предвид заклучоците од работилница, која се одржа на 18ти и 19ти јуни 2016г., под наслов: „Сивите урбанистички зони во централно градско подрачје на град Битола“ на која учествуваа претставници на стручната фела, архитекти и урбанисти, како и свое предавање одржа еден од авторите на предлог – законот „Закон за прогласување на старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење“, г-динот Валентино Димитровски, историчар на уметност. Г-дин Димитровски посебно се осврна на измените кои постојат помеѓу „неговиот“ предлог-закон и законот кој е веќе изгласан и стапи на сила од месец септември 2016та година. Имено, комисијата во состав на Министерството за култура, како предлагач на овој закон кој веќе стапил на сила, има изменето неколку членови, кои при излагањето на Димитровски, се утврди дека би требало да бидат предмет на посериозна дебата измеѓу одговорните институции како „Завод за заштита на спомениците на култура и музеј Битола“ , одговорните сектори при општина Битола, како и „Управата за заштита на културно наследство“ и самото Министерство за култура. Во текот на работилницата имаше забелешки дека при немање на координација помеѓу горенаведените институции, голема е можноста да настанат реални проблеми во самата заштита, баш како што беа проблемите со „Офицерски дом“ и „Белата фонтана“ .

Имено, иако одма после рушењето на фонтаната, на терен излегоа инспекции од самата Управа за заштита на културно наследство, истите поради недоречености на постоечкиот закон, не можеа да направат ништо со што би наложиле запирање на постапката за нејзино рушење и изградба на нова фонтана. За жал, во законот кој веќе е стапен на сила се утврди дека е изменет и еден битен сегмент од предлог-законот на Димитровски (еден од авторите), кој сметаме дека отвора простор за манипулација и нарушување на урбаниот лик на централното градско јадро, а тоа е:

(според предлог-законот)

1.1.2 – Посебни елементи на режимот на заштита за урбаните комплекси во јадрото

              1.1.2.2- Елементи за Урбаниот  комплекс – 2: „Широк сокак“

  1. Во границите на Урбаниот комплекс – 2: „Широк сокак“, на подрачјето на посебно заштитеното добро – Споменичка целина „Амбиентална улица Маршал Тито“ (улица „Широк сокак“), покрај забранетите дејства наведени како заеднички елементи на режимот на заштита за Споменичката целина „Старо градско јадро на Битола“, предметни за подрачјето на таа улица, не смее:
  2. да се градат нови објекти на постојните отворени јавни простори во границите на улицата (плоштади и зелени површини); “

(според законот кој веќе е на сила)

                                                                   „Член 11

  1. Во границите на Урбаниот комплекс – 2: „Широк сокак“, на подрачјето на посебно заштитеното добро – Споменична целина „Амбиентална улица Маршал Тито“ (улица „Широк сокак“), покрај мерките на заштита наведени како заеднички елементи на режимот на заштита од членот 9 став (1) од овој закон, не смее:
  1. да се градат нови објекти на постојните отворени јавни простори во границите на улицата (плоштади и зелени површини), доколку со заштитно-конзерваторските основи, односно заштитно-конзерваторските услови, односно деталните урбанистички планови не е поинаку определено;

Што значи дека се воведува дополнување, со кое се јавува сомнеж дека може, при измена на ДУП, на јавни површини да се гради било каков објект по барање/желба на локалната самоуправа или приватен инвеститор.

Затоа сметаме дека треба да се бара повлекување на законот и истиот да се преиспита со учество на надлежните институции, комисиите задолжени за изготвување на истиот, како и стручната јавност.

Влатко Деловски

Одисеј Јовановски