15. АКТО ФЕСТИВАЛ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ 2020

  1. 15. АКТО ФЕСТИВАЛ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ

2020

Битола, Штип, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија, Скопје

 

„Црни, бели, калеши, жолти,  заборавете на старите кавги.  Штом муабет почнете со луѓето здружни,  набрзо сите ќе бидеме сложни”

Бертолт Брехт, Песна за солидарноста

 

Со изработка на мурал на фасадата на киното „Партизан“ во Битола се отвора годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У) .
Автори на муралот се КУРС колективот од Белград , изработката на муралот е во продукција на ФР~У во партнерство со Народен Театар Битола.

Овој мурал е дел од серијата на мурали кои деновиве се изработуваат во уште 6 други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија, Скопје. Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во соработка со Гласен текстилец, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто;  Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

Овој зафат, кој се протега на површина од околу 600 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е концепт, кураторство и организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.

Покрај во Битола, во периодот што следува, муралите се сликаат во следните градови:

Скопје

Дом на Култура Ченто

СОЛИДАРНОСТА Е ТЕМЕЛ НА ИДНИНАТА

Автор: Владимир Милиќ во партнерство со Културно Ехо Скопје и Општина Гази баба

Гевгелија

ФИЗИЧКА ДИСТАНЦА, СОЦИЈАЛНА БЛИСКОСТ / КОМШИЈАТА И ВО АРНО И ВО ЛОШО/

Автор: Миле Ничевски во соработка со М.Ц и во партнерство со БОШ Фестивал.

Прилеп:

НАПРЕД, САМО БЕЗ ЗАБОРАВАЊЕ!

Автор: Ристо Аврамовски во соработка со Филип Јовановски и Ненад Тонкин

Во партнерство со ЦСЛУ и Јавен Простор – Прилеп

Штип

ЕДНАКВИ ЗАЕДНО ПОСИЛНИ

Авторка: Јана Јакимовска

Во партнерство со Гласен Текстилец – Штип

Велес

СОЛИДАРНОСТ, МОБИЛНОСТ, ИДНИНА

Автор: Давор Кешкец

Во партнерство со Општина Велес

Кочани

СОЛИДАРНОСТА ГО ЈАКНЕ ИМУНИТЕТОТ

Автор: Ненад Тонкин

Во партнерство со Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.

Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да  зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција – мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно.

Во општество каде ксенофобијата, национализмот и  дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници!

Покрај муралите годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО ќе вклучува и други содржини кои ќе се објават дополнително.


Извадок од концептот на годинешното 15.издание на АКТО Фестивалот за современи уметности

 Зборува АКТО!

АКТО зборува петнаесет години!

АКТО зборува во деветнаесет изданија!

АКТО зборува во многу градови во државата но и во странство!

АКТО поврзува, градови, луѓе, приказни, заедници, простори!

Годинава АКТО потсетува на вредностите за кои сите овие изминати години се бори и ги промовира како анти-национализмот, антифашизмот, антидискриминација, почитување на различностите, почитување на соседите, солидарноста, помагањето на послабите, слободата и критичката мисла, против насилството и родовата рамноправност.


За авторите на муралот во Битола:

Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ заедно практикуваат визуелна уметност и истражување како колектив КУРС. Во својата работа тие истражуваат како уметничката практика може да придонесе за (и да стане составен дел) на разни социјални борби. Тие честопати користат архивски материјал како почетна точка, во комбинација со револуционерна поезија / проза и визуелен јазик на прогресивни движења од минатото. Најчесто произведуваат мурали, илустрации и разни печатени материјали (весници, постери, графики). Тие се водени од идејата дека содржината што ја произведуваат треба да биде дидактичка и достапна за пошироката јавност. КУРС се залага за демократизација на средствата за уметничко производство и се стреми да ја вклучи пошироката популација во процесот на создавање и дизајнирање уметнички интервенции. Тие веруваат дека полето на уметноста може и треба да биде дел од политичката борба за поеднакво општество.


Автор на муралот на фасадата на Домот на култура во населбата Ченто во Скопје е младиот уметник Владимир Милиќ, и е во продукција на ФР~У во партнерство со организацијата Културно Ехо, Општина Гази Баба и Град Скопје.

Идејата за мурал во Ченто е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на домот на култура во населбата. Муралот пак е развиен како неколкумесечен процес на работа на уметникот Владимир Милиќ од Ченто со пошироката локална заедница и се однесува на потенцирање  на важноста на солидарноста особено во овој дел од населбата.

Иницијативата за овој мурал се однесува на две линии на значења: едното е обновување и повторно ставање во функција на бетонскиот културен дом во Ченто и со тоа реобмислување на модернистичкото незаштитено културно наследство на Скопје, а вториот е потенцирањето на важноста на солидарноста на заедницата за време на поплавите на подрачје на општина Гази Баба  кои се случија пред четири години.

Од општината велат: „Да не се заборави поплавата која ја зафати нашата општина, елементарна непогода која не бираше нација, вера и политичка определба, а токму во тие моменти се покажа колку можеме да бидеме солидарни и да си помогнеме едни со други. Општина Гази Баба е мултиетничка средина, место каде што сите ние делуваме секојдневно и затоа мораме да ги почитуваме различностите и да си помагаме еден со друг”.

За авторите на муралот во Ченто:

Владимир Милиќ роден 1985 година во Скопје. Апсолвент на академијата за ликовни уметности ФЛУ во Скопје, смер графика. Работи како дизајнер, илустратор и муралист. Член е на колективот ЕБСФ.

Културнo ехо е меѓународна, невладина и независна организација со седиште во Скопје, Р. Македонија. Здружението се формира по слободна иницијатива на група млади ентузијасти.

Со фокус на одржлив развој и истражување на урбаните средини, нашата мисија е да промовираме урбана и еколошка одговорност; да понудиме решавање на заедничките прашања и проблеми преку нови и иновативни стратегии, со цел создавање на одржлив, социјален, општествен, економски и културолошки развој. Главна стратешка цел на Здружението е реализирање на проектот Напуштени Можности, односно

спроведување на истражување за објекти кои може да претставуваат закана по безбедноста, општото здравје, се извор на болести, зарази и зависности за граѓаните, животните и животната средина, и нивна пренамена за општо добро согласно член 27 и член 22 од Универзалната Декларација за Човековите Права.


Автори на муралот на ѕидот на приватна куќа на улицата „Маршал Тито“, спроти Музејот во Гевгелија се уметникот Миле Ничевски во соработка со М.Ц, и е во продукција на ФР~У во партнерство со БОШ ФЕСТИВАЛОТ.

После минатонеделното отварање на 15-тиот АКТО со муралот во Битола како и муралот на домот на култура во Ченто,  АКТО продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.

Претходните два мурала, во Битола и во населбата Ченто-Скопје, беа изведени на јавни институции, центри за култура, со цел да се истакне солидарноста и соработката со јавните институции од културата и да се прати порака за заедништво во секоја локална средина поединечно, додека овој мурал  насловен симболично „Физичка дистанца, социјална блискост-комшијата и во арно и во лошо” не случајно е изведен на приватна куќа и директно реферира на солидароста на локалната заедница за време на пандемијата со ковидот. Авторите Ничевски во соработка со М.Ц во идејното решение за овој мурал реферираат на познатата модернистичка слика на Хенри Матис насловена „Танц” (La Danse) но овојпат ставена во локален контекст реферирајќи на  солидарноста за време на пандемијата, ограничувањето со физичка дистанца од два метра но сепак потенцирање на социјалната блискост и радоста да се живее животот со сите ограничувања.

Овој мурал повикува на повторно обединување во социјалните релации и блискост на комшиите но со држење на физичка дистанца. Муралот повикува на солидарност на комшиите, на заедништво во борбата со пандемијата која во изминативе неколку месеци потполно го редефинира секојдневното живеење. На муралот во еден дел стои и натписот на гевгелиски дијалект „И уф арно и уф м`ка комшијата е тука”, што во „превод”значи „Комшијата и во арно и во лошо”.

За авторите на муралот во Гевгелија:

 МИЛЕ НИЧЕВСКИ (Гевгелија, 1972), дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, педагошки отсек, насока графика (1998). Магистрант е на Факултетот за Арт и Дизајн отсек – визуелни комуникации при Европскиот универзитет во Скопје. Раководител е на Домот на култура, Гевгелија. Бил претседател на управниот одбор на Народен Музеј – Гевгелија, член  на интернационалната уметничка група G.E.M, а работел и како доцент на Факултетот за арт и дизајн, на Европскиот универзитет во Скопје.  Во 2006 година престојувал во Париз на студиски престој. Реализирал повеќе самостојни изложби и учествувал на групни изложби во земјава и странство: Италија, Грција, Србија, Бугарија, Полска, Франција, Германија и САД.  Се занимава со сликарство, цртеж и стрип. Автор е на неколку кирилични фонтови и на следните книги/учебници: “Основи на Типографија”, “Основи на графички дизајн”.

 

БОШ ФЕСТИВАЛ – е мултимедијална платформа, низ која се слави креативниот израз во урбан контекст. Или поинаку кажано, БОШ е обид за естетизирана артикулација и осмислување на т.н. ‘додадена вредност’ на урбаната култура…

БОШ е процес на создавање на еден типично-поразличен, несекојдневен и неконвенционален, јавен_простор… Простор, кој постојано се ре-дефинира, преку урбаните уметности, односно уметностите во урбан контекст… Простор, кој е доволно оргинален и опиплив, динамичен и пулсирачки, провокативен и/или контроверзен… Но пред сè, отворен и достапен за секого!

БОШ е ‘инвазија врз духот’, акт за маркирање на културно-естетска, ‘слободна територија’! БОШ е и фузија и конфузија, и сензибилизација и вулгаризација! БОШ е меѓупростор кој поврзува, во потрагата по своето време и потреби…

БОШ фестивал за прв пат се одржа во 2009 година.


Автор на муралот на  бетонскиот ѕид на влезот во Велес, на кружниот тек под Спомен-костурницата е младиот уметник Давор Кешкец, и е во продукција на ФР~У во партнерство со Општина Велес.

На површина од околу 300 м2, ,  муралот е изработен  на 86 метри во  должина и 2,5 метри висина, а заради сообраќајните правила и прописи едно метро од коловозот нема да биде покриено со содржината на муралот.

Стручно мислење за визуелниот израз на муралот даде комисија во состав на истакнати уметници од Велес, формирана од градоначалникот со одлука  на Советот на Општина Велес. Во рамките на оваа активност, потпишан е и меморандум на соработка помеѓу ФР~У и Општина Велес.

Во случајот со Велес, симболично избравме локација на влез на град која би требало да прикаже поврзување на вредностите, пораките и приказните од останатите шест градови каде се изработуваат мурали, а тоа се заедништвото, солидарноста, анти-ксенофобијата,анти-национализмот, анти-фашизмот, слобода, еднаквост.

Муралот како целина претставува збир на временски периоди значајни за постоењето на Велес како град.

Она што сакаме да го истакнеме за изработката на овој мурал е партнерска соработка со Општина Велес во правец на градење на едно уметничко дело кое ги одразува современите текови во општеството, а тоа се солидарноста, заедништвото, мобилноста, инклузивноста како параметри на еден паметен град на иднината. Муралот во Велес зборува за иднината, за вклученоста за одговорноста како и  грижата на граѓаните кон својот град.

Овогодинешниот јубилејен АКТО има за цел соработка со јавните институции во насока на градење на култура која ќе го одразува јавниот интерес и ќе гради праведно општество. Во таа смисла сметаме дека е многу важно взаемнатото градење на доверба на граѓанскиот и јавниот сектор во културата, размената на заеднички идеи, ресурси и знаења.

За авторите на муралот во Велес:

Давор Кешќец, дипломиран графичар на факултетот за ликовни уметности при УКИМ, член на ДЛУМ, до сега има реализирано две самостојни изложби, а има учествувано во повеќе групни изложби. Исто така бил вклучен и во други проекти за  исцртување на мурали.

соработници:

Стефан Младеновски, дипломиран графичар на факултетот за ликовни уметности  при УКИМ и член на ДЛУМ.

Ангела Банчотова, дипломиран архитект (факултет за архитектура и дизајн при УАКС).

Тоше Пешовски, скулптор, студент на факултетот за ликовни уметности при УКИМ.