ДОБИТНИЧКА НА XV НАГРАДА ДЕНЕС ЗА МЛАД(А) ВИЗУЕЛ(Е)Н/А УМЕТНИ(К)/ЧКА ДО 35 ГОДИНИ 2021: ЕЛЕНА ЧЕМЕРСКА

ДОБИТНИЧКА НА XV НАГРАДА ДЕНЕС ЗА МЛАД(А) ВИЗУЕЛ(Е)Н/А УМЕТНИ(К)/ЧКА ДО 35 ГОДИНИ 2021: ЕЛЕНА ЧЕМЕРСКА

ДОБИТНИЧКА НА XV НАГРАДА ДЕНЕС ЗА МЛАД(А) ВИЗУЕЛ(Е)Н/А УМЕТНИ(К)/ЧКА ДО 35 ГОДИНИ 2021:

ЕЛЕНА ЧЕМЕРСКА

 

Почитувани,

организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ во соработка со Центар за современи уметности – Скопје со задоволство Ве известуваат дека петнаесетта по ред добитничка на наградата ДЕНЕС за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка до 35 години е уметничката Елена Чемерска.

Наградата подразбира двомесечен престој во Њујорк, САД во студијата на Residency Unlimited (RU) Inc.  и покривање на сите трошоци за престојот на уметницата како и техничка, кураторска и административна поддршка на кариерата и запознавање на мрежа на уметници и куратори, сето тоа со финансиска поддршка на фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.

Чемерска беше една од четирите финалистки, меѓу кои и Ана Јовановска, Ана Лазаревска и Симона Манчева. Според интернационалната жири комисија, специјално креирана за оваа награда, во која членуваат Катја Крупеникова, кураторка и критичарка, доцент на ХКУ Универзитетот за уметности, Утрехт и дел од кураторскиот тим на Фондацијата В-А-Ц, Москва; Пол Ластер, писател, уредник, куратор, уметнички предавач, уредник во ArtAsiaPacific и Whitehot Magazine of Contemporary Art; Биљана Тануровска Ќулавковски, продуцентка, кураторка и истражувачка,  претседателка на организацијата Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата; Алберт Хета, уметник, дизајнер, уметнички менаџер и уметнички директор на Стацион – Центарот за современа уметност, Приштина, Косово и Верица Ковачевска, уметничка и претходна добитничка на наградата ДЕНЕС, одлучија Чемерска да ја добие наградата бидејќи нејзината пракса која продолжува и во новото дело дека треба да се поддржи и дека дополнително може да се развива во поинаков контекст од овој.

Во рамки на онлајн изложбата, Чемерска се претстави со делото „Со овие одломки ги потпрев урнатините свои“ кое е просторна инсталација, вклучувајќи масло на платно, звук, светлина, боја, метал.

Линк од делото https://vimeo.com/539312939

Краток опис на делото: Преговарајќи со Јанусовата глава на модерноста и модернизмот, Со овие одломки ги потпрев урнатините свои се стреми да отвори дијалог со домашното и регионалното уметничко модернистичко наследство и да ги допре критичните точки во односот помеѓу човекот и начинот на кој што тој ја гради сликата за историјата и за иднината, во сегашниот миг и специфичниот културен контекст во кој се наоѓаме.

Инсталацијата е сочинета од видео (Чекор кој ветува, 15’39, 2021) архитектонско-скулптурална конструкција и насликано платно (Значењето им бега на моите зборови, 310 cm x 180 cm, 2020). Делото е поставено во релација со некогашниот објект на Месната заедница Тафталиџе- и самиот модернистичка урнатина, архитектонски симбол на едно време од партикуларна важност за градот, лоциран во резиденцијална населба во Скопје, Северна Македонија.

Соработници: Архитект: Владо Данаилов;Актерка: Ивана Павлаковиќ; Камера: Александар Мижимаков; Звук: Еми Емилова.

Елена Чемерска (1991) е визуелнa уметничка и истражувачка од Скопје, Северна Македонија. Таа се интересира за врската помеѓу сеќавањето и начинот на кој што човекот ја создава основата на која ја темели иднината, и тоа како се обидуваме да ја разбереме и фиксираме историјата во нејзината слика.

Му приоѓа на човечкото искуство низ призмата на она што Паоло Вирно го дефинира како врската помеѓу меморијата- трага длабоко втисната во нашето искусување на сегашноста, и иднината- хоризонт на можност. Нејзината работа се материјализира првенствено низ сликарство, цртеж, видеo.

Таа е магистер по уметност на Master Institute of Visual Cultures, AKV St. Joost School of Art and Design, Сертогенбош, Холандија. Изложби и проекти во земјата и меѓународно: “Ничии прагови конкретно”, МКЦ, Скопје,Северна Македонија; “Monumental Fluxus”, Expoplu, Најмеген, Холандија; “Monument to Freedom- Conversations”, Private Print Studio, Скопје, Северна Македонија; “Transition”, Eye Museum, Амстердам, Холандија итн. Моментално живее и работи измеѓу Скопје и Берлин.

 

Делата на финалистките за ДЕНЕС наградата 2021 ќе може да се погледнат уште денес на следните линкови:

-Ана Јовановска https://vimeo.com/539296244

-Ана Лазаревска https://vimeo.com/539365281

-Симона Манчева https://vimeo.com/539287639

-Елена Чемерска https://vimeo.com/539312939


НАГРАДА ДЕНЕС – НАГРАДА СО ДВОДЕЦЕНИСКИ КОНТИНУИТЕТ

Оваа значајна и независна награда е организирана во соработка со Residency Unlimited од Њујорк, поддржана е од The Trust for Mutual Understanding од Њујорк и се доделува на секои две години во Северна Македонија. Победникот ќе има можност да присуствува на двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (http://residencyunlimited.org/) во втората половина на 2021 година.

Наградата ДЕНЕС, која го носи името на истакнатата уметничка група ДЕНЕС, која постоела во периодот од 1953 – 1955 во земјава, се доделува по петнаесети  пат во земјава.

Сите трошоци на победникот за време на двомесечниот престој во Њујорк ќе му бидат покриени како трошоци за виза, здравствено осигурување, патни трошоци, сместување и дневници од страна на The Trust for Mutual Understanding од Њујорк, додека органзиацијата за наградата т.е. изложбата и избирањето на победникот ги покрива локланата организација.

ИСТОРИЈАТ НА НАГРАДАТА

Во 1990 година Венди В. Луерс, основач и директорка на Фондацијата за отворено општество, заедно со прецедателот Вацлав Хавел и група на уметници дисиденти најпрво ја основале наградата „Јиндрих Чалупецки“ во Чехословачка за да одаде признание на уметничката извонредност на младите визулени уметници, под 35 години, и за да им овозможи искуство на резиденцијален престој во САД. Програмата на награди за млади визуелни уметници (YVAA – https://www.yvaawards.org/) во текот на неколку години беше востановена како интернационална мрежа на слични награди со поддршка од американската фондација Trust from Mutual Understanding, US foundation.

Денес 12 европски земји се дел од оваа мрежа како: Чешка, Словачка, Хрватска, Косово, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Унгарија.

Во 2015 година организацијата Residency Unlimited (RU) беше ангажирана како организатор на оваа програма и како домаќин на резиденцијата на уметниците во Њујорк.

residencyunlimited.org

Дискурзивно – едукативната програма насловена „Совршениот уметник“ е дел од биеналната награда ДЕНЕС. „Совршениот уметник“ е курирана од Ивана Васева и иницирана како една од програмските целини на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У). Идејата е преку практично но и теоретско делување со фокус на дијалог, размена на искуства и дебата да се воспостави еманципација на младите уметници и да се понудат можности за зајакнување на едукативниот систем во земјава, егалитарните изложбени и образовни политики во земјава и еднаков развој на сите културни работници во земјава.

Наградата ДЕНЕС и програмата „Совршениот уметник“ годинава е поддржана од Министерство за култура на Република Северна Македонија и од Делегацијата на Европската Унија, и се организира во соработка со Europe House Скопје.