ПРВ МОДУЛ: 13 и 14 мај/ КИНО КУЛТУРА
„Тенка линија меѓу животот и уметноста (…Проектирај ја својата иднина)“
Првиот модул, кој ја отвора серијата на предавања, работилници и дискусии се однесува на развојот, подемот и важноста на социјално ангажираната уметност во интернационални рамки (како еден широк и обединувачки термин кој се однесува на повеќе различни практики кои ја вклучуваат социјалната компонента).
Оваа уметничка насоченост, која влече корени од 60-тите години на минатиот век, се карактеризира како уметност која многу се доближува со животот (станувајќи понекогаш живот) и овозможува поголема видливост на одредени и важни општествени прашања притоа наоѓајќи различни креативни идеи и начини за нивно соочување.
Отворањето на оваа програма токму со една ваква тема има за идеја да ја потенцира потребата од уметничка ангажирана интерпретација на реалноста која во денешни услови е тешко да се протолкува и разбере.
До каде се движи уметничката одговорност во Македонија и како може визуелно да се вообличи?
Дискусија „Отворени образовни курикулуми – критички единки и колективи“
Модератори: Ивана Васева, Филип Јовановски
Краток вовед: Милан Живковиќ
Учесници:
Јана Јакимовска (доц. м-р, Ликовната академија при УГД Штип)
Љуљзиме Лека-Мулаку (проф, Факултет за уметности – Фигуративна уметност, ДУТ)
Слободанка Стевчевска (доц. м-р, Студиска програма сликарство, ФЛУ, УКИМ, Скопје)
Ладислав Цветковски (вонр. проф. м-р, Студиска програма графика, ФЛУ, УКИМ, Скопје)
ПОВЕЌЕ ЗА ДИСКУСИЈАТА:
„Отворени образовни курикулуми – критички единки и колективи“
Официјалниот образовен систем со својата внатре-институционалната политика и кадровска организација посебно во сегментот на визуелната уметничка дисциплина и посебно во услови на неолибералните политики е многу ретко во аналитичкиот и преиспитувачки јавен домен. Не дека кохезивноста на интерната структура нема потреба од тоа, туку дека веќе „воспоставениот тек на настаните“ е многу тешко да се реобмислува и анализира па и менува.
Но што е тоа што може да се воведе во образованието за да се прошират капацитетите, иницијативите или првично, да се зајакне мотивацијата на студентите? Дали соработката со алтернативните програми или програмите на граѓанскиот сектор и соработката со нив може да доведе до некакви взаемни промени и поддршка – а со тоа и да отвори нови полиња на размислување? Дали треба доближување наместо оддалечување на двете нивоа?
Додека докторските уметнички студии заземаат замав во светот или се академизира уметничката дисциплина, сеуште поставениот хиерархиски или традиционално поделен свет на убавите уметности е парадигма за установите, понекаде ишарани со новите оддели. Воведувањето на кураторски и менаџерски студии, студии за галеристи, оддели за перформанс во музејските агенди зборува за апропријацијата на секојдневните текови од страна на институционалениот свет но дали има потреба од тоа? Дали може да се каже дека мултидисциплинарноста, преиспитувањето, политичноста на уметноста како и потенцирањето на политичката моќ на уметниците е повеќе карактеристика на граѓанските организации или помалите институции? Како да дојде до соработка меѓу нив?
Идејата на оваа дискусија е да се лоцираат и анализираат желбите и потребите т.е. каде завршуваат разликите а каде почнуваат соработките и размените на искуства. Што можеме да научиме едни од други? И кои се можностите и потребите за проширување на образовните курикулуми во официјалните едукативни институции.
Во земјава постојат многу малку програми, курсеви и летни школи специјално наменети за наодобразба на младите уметници (додека има повеќе примери кои постоеле во минатото) па се чини дека можеби и нема потреба од нив. Наспроти тоа, има три програми во рамките на три универзитети УКИМ, УГД, ДУТ а додека приватните универзитети негуваат малку поинтердисциплинарни програми како оние на Факултет за арт и дизајн на ЕУРМ, Факултет за дизајн и мултимедија на ФОН Универзитетот па и Факултетот за уметност и дизајн на ИБУ, Скопје веќе со години „произведуваат“ нови кадри.
Но што станува со студентите кога ќе завршат студии? Кои се можностите за нив?
Сето тоа е предмет на дискусијата „Отворени образовни курикулуми – критички единки и колективи“ во рамки на дискурзивно – едукативната програма „Совршениот човек“ која ги отвора и анализира „пречките“ кон совршеноста, фокусирајќи се на образовните модели и нивната функција.