AKTO 18 фестивал за современи уметности
ЈАВНИ ПРОСТОРИ ВО ДВИЖЕЊЕ (КОН)
Скопје – Софија / 2023 година
АКТО веќе трета година по ред го преиспитува значењето на прославувањето, ако го земеме предвид основното значење на зборот фестивал. Додека претходно, 15 години по ред, во различни предизвикувачки затегнати, но и поотворени општествено-политички околности, вкотвувајќи се во Битола, но со свои програмски пипала и во други градови низа земјава, се обидуваше да ги прослави современите уметнички практики што критички ги преиспитуваат постојните културни политики и доминантната култура, обидувајќи се да создаде привремено место на социјализација, преиспитување на наследството, културно и социјално, и нивна критичка трансформација, овие три последни (постпандемични) изданија тоа го прави со создавање на привремени неколкумесечни контексти на истражување, едукација и продукција, со потемелен ангажман кон причините на овие појави.
Со тригодишната поттематика современи (не)демократии, АКТО се обидува да ги прикаже латентните процеси на просторно окупирање и намалување на опсегот на слободниот човек-граѓанин, жител, корисник на еден град, како и да повика на критичка грижа кон заедниците кои имаат потенцијал да бидат во движење кон воспоставување нови значења на (јавниот) простор, но и на јавната сфера, во поширока смисла и значење.
АКТО во 2021, 2022 и 2023 година се обидува да исцрта проширено поле на тоа што е „фестивал“. Тој се движи меѓу медиуми и формати што не се генерално поврзани со познатата фестивалска структура. АКТО сè уште слави, заедно со своите партнери, обезбедувајќи простор и за други влијателни иницијативи, но критички преиспитувајќи ја заедничката контекстуална рамка.
АКТО 18 се надоврзува на истражувањата од претходните две изданија во 2021 и во 2022 година, кои ја истражуваа темата „Современи (не)демократии“ во обид на согледување на процесите на приватизација, отуѓување, бришење и ревизија на историјата, кои водат кон разорување на јавното, оневозможувајќи го заедничкото, но и да ги поттикне процесите на грижа.
Во 2021 година, АКТО ја испитуваше темата на стеснувањето на јавниот простор преку примерот на плоштадот „Македонија“ како репрезент на современите недемократски процеси, кој наместо да биде арена каде што се слуша агонистичка дискусија, на создавање политички субјективитети, тој повеќе стана место на набљудување, на пасивност и молк.
Во 2022 година, АКТО се обликуваше преку идејата за колективен пристап на грижата за заедницата, поврзувајќи ја со концептот за грижата за колективните јавни простори, физички или концептуални, преку воведување на архитектонска практика на критичка грижа и преку истакнување и зачувување на значајни, транснационални и национални обиди за грижа, за заедништво, за солидарност со различностите.
Во 2023 година преку тематиката – јавните простори во движење – АКТО презентира неколку практики што замислуваат ослободен простор, дури и привремено, за оспорување на постојните наративи преку соработка кон кревање на гласот со игнорираните, запоставените, замолчените, незапаметените, испуштените, маргинализираните во рамките на постојната хегемонија… Овие уметнички практики можат повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби. Оваа програма обединува различни гласови што изразуваат незадоволство и пркос кон супресивните механизми и геометрии на моќ и исклучување и бараат видливост и моќ да ги трансформираат имплементираните политики. Сите овие заедно во рамките на АКТО претставуваат можност да формираат микројавни простори во движење на имагинарна (уметничка) заедница, која би ги тврдела правото на сопствеништво на сите и со тоа повторно би го воспоставила јавното.
АКТО 18 или „Јавни простори во движење кон“ веќе се отвори со изложбата „Прекаријатот има шанса“ во Галеријата „Структура“ во Софија, која направи пресек на некои од најактуелните уметници во земјава, претставувајќи 18 дела од 20 уметници. Потоа, во текот на годината ќе прослави повеќе проекти што имаат свои тековни активности во неколку години и кои застапуваат своевидни интервентни модели во функционирачкиот систем.
АКТО 18 ќе го прослави заедно со наградата ДЕНЕС нејзиното 20-годишно постоење како една континуирана и посветена заложба на создавање простор за младите уметници до 35 години, кои не само што имаат можност да ги прошират своите светогледи со резиденции во странски организации туку и да создаваат нови дела и критички да ги преиспитуваат своите практики. Во рамките на АКТО 18 ќе се отвори и Лабораторијата за просторно-изведувачки интердисциплинарни практики – Градот како сцена во соработка со Архитектонскиот факултет од Скопје, нова едукативно-истражувачка и продукциска платформа што истражува различни интердисциплинарни испреплетувања преку примената на длабинско генеолошко истражување и иновативни уметнички практики. Во рамките на лабораторијата, АКТО ќе ја продолжи соработката со организацијата „Фрлачи на сенки“ од Загреб преку изложбата што го поставува прашањето како да се размислува за заедница и солидарност во моментот по природна катастрофа. Како да се зборува или памети градот, ќе биде прикажано низ проекцијата на документарниот филм „Витиќ танцува“, дваесетгодишна епопеја на уметникот Борис Бакал низ еден станбен модернистички објект во Загреб, дело на архитектот Иван Витиќ.
Потоа, АКТО, преку проектите „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и „Не сакаме да бидеме ѕвезди туку делови од соѕвездија“, ќе обезбеди престој на неколкумина странски уметници во Скопје, кои ќе се осврнат на локални архитектонско-урбанистички и визуелни феномени. Како заокружување на годинешната програма, АКТО ќе ги претстави продукциите на ФРУ на национални павилјони на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор 2023, како и најновата претстава на уметницата Власта Делимар.
АКТО 18 е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Trust for Mutual Understanding New York, Фондацијата „Хајнрих Бол“, Институтот „Гете“, Европската Унија – проект „Острови на сродство“, проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“ и проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди туку делови од соѕвездија“.
Продукција: Факултет за работи што не се учат – ФРУ: Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО; Ивана Васева, кураторка; Благица Петрова, координациска и финансиска менаџерка; Ивана Самандова, програмска координаторка; Моника Стојановска, промоција.
Дизајн: КОМА студио.