Pop Up Акто Акција! Скопје 12. Акто Фестивал за современи уметности

Pop Up Акто Акција! Скопје 12. Акто Фестивал за современи уметности

POP UP АКТО АКЦИЈА!
12. АКТО ФЕСТИВАЛ ЗА СОВРЕМЕНИ УМЕТНОСТИ
27 – 28 октомври, 2017 год. СКОПЈЕ
Кино Култура и Железничка зграда

ГРАЃАНИТЕ ЗА КУЛТУРНИТЕ ПРОСТОРИ
ГРАЃАНИТЕ ЗА КУЛТУРА

Дали конечно можеме да сведочиме за отворање на простори изградени преку партиципативно ангажирано делување? Дали овие времиња ќе бидат поволни за подобрување на институционалната инфраструктура и ќе создадат поле за заедничко учење помеѓу различни актери (граѓанскиот сектор, конституентите и локалната власт), за колективност и за валоризација на вредноста на трудот наспроти пазарната логика и личните интереси?
АКТО Фестивалот за современи уметности но и иницијатитивите на организацијата „ФРУ – Факултет за работи што не се учат“ од Битола/ Скопје заедно со своите партнери и преку соработка со различни заедници и поединци само во последните два месеци отвори прашања и даде видливост на општественото, културолошко и социолошко значење на неколку простори: Офицерски дом во Битола во рамки на ПОП АП АКТО АКЦИЈА! Фестивалот во Битола (01 и 02 септември), зборуваше за Железничка зграда во Скопје во рамки на иницијативата „Кога зградите би зборувале“ (30 септември и 01 октомври) а исто така учестува и моделирањето на просторот Кино Култура во Скопје (меѓудругото и конференцијата „Моделирање на јавните простори во културата“ во организација на Локомотива 12 – 14 октомври) како места на социјализација, еманципација, самообразование и колективна акција. 
Се чини дека сега е време уште еднаш да ги потврдиме сите заедно своите заложби и да покажеме колку е важна меморијата и историјата за општествената стварност но и да понудиме други модели за соработки и (ко)управување, како и поддршка и развој на релевантни социо-политички содржини од полето на културата и уметноста.
Партнери на овие иницијативи се Локомотива – Центар за нови иницијативи во културата и уметноста од Скопје, Здружението на текстилни, кожарски и чевларски работници Гласен текстилец Штип како и регионалните соработници „Фрлачи на сенки“ од Загреб и „Супервизуелна“ од Белград.

 


27 ОКТОМВРИ (ПЕТОК) 

20:00 – 00:00
АКТО МУЗИЧКИ САЕМ
Отворен штанд за продажба на независни музички изданија
Локација: Холот на Кино Култура

Идејата со АКТО МУЗИЧКИ САЕМ е да се продолжи концептот на промоција на нова македонска музика, со посебен акцент на еден тренд на издавање на македонска музика на плочи, едно видно носталгично навраќање на грамофонот како медиум и винилот како носач на звук. Ова стана пракса кај издавачите, музичарите и бендовите ширум светот и во последниве неколку години резултираше со 20-тина албумски изданија на македонски групи и музичари на плочи, кои можат да се купат во музичките продавници и во Скопје.
Во рамки на овој саем ќе им се даде простор на независните музички издавачи и музичари да ја презентираат својата палета на музички изданија и други промо материјали.

 

20:00
AKTO ЗА ЗАЕДНИЦИТЕ
ХНУ_Истражувачко студио за храна, наука и уметност
Локација: Кино Култура

ХНУ_Истражувачко студио за храна, наука и уметност преку готвењето на храна ја истражува поврзаноста помеѓу кулинарството, науката и уметноста, поточно односот идеја – процес – готово дело. ХНУ го поставува прашањето за врската помеѓу рецептот и крајниот вкус. Дали секој рецепт може да биде претворен во добар вкус? ХНУ преку целиот свој процес има за цел да потенцира колку е важна одговорноста и умешноста во создавањето – како на уметничките, така и на кулинарските дела.

21:00- 01:00
AKTO МУЗИКА
СВРТИ ГО СКОПЈЕ НА ПЛОЧИ
Тројца ДЈ- раскажуваат музички приказни за Скопје
Локација: Кино Култура

Илина Ангел
Мирко Попов
Флудер

Релативно мал е бројот на активни ДЈ-и и музичари кои сеуште купуваат и промовираат музика на плочи. Најголем број од нив своите музички колекции на винил ги збогатувале во 80-тите и 90-тите години од минатиот век. Ова е ретка прилика да се потсетиме како звучеле и изгледале забавите во Скопје пред дигитализацијата на музичката индустрија.

 



28 ОКТОМВРИ (САБОТА) 

12:00-15:00 
AKTO ЗА ЗАЕДНИЦИТЕ
(Локација: Железничка зграда (адреса: ул. Борка Талески 26)

КОГА ЗГРАДИТЕ БИ ЗБОРУВАЛЕ
Перформативно – истражувачки проект со специјален настап на „ДЕЈВИ Д’ БОУВИ + ПАДНАТИТЕ ОД МАРС“

Автор: Филип Јовановски
Кураторка: Ивана Васева
Истражувач и ко-автор на сценарио: Дејан Ивановски
Креативен тим:
Актери: Кристина Леловац, Сања Арсовска, Јасмина Василева, Долорес Поповиќ, Благој Веселинов
Видео продукција: Илија Тирицовски
Учествуваат: Станарите од Железничка зграда (Слободан Кочевиќ, Иван Џијановски и Томе Каревски)
Продукција: Оливер Мусовиќ
Камера: Александар Котевски
Дрон: Стојанче Цавировски
Монтажа и дизајн на звук: Сашко Потер Мицевски

*Важна напомена: Перформансот може истовремено да биде проследен само за 32 присутни во публика. Сите заинтересирани можат да се пријават во инбокс на страната на АКТО Фестивал.

„Кога зградите би зборувале“ е уметнички перформативно – истражувачки процес кој ангажира активно локална заедница во креирањето на делото и создава поволен контекст за контестирање на прашањата за јавното и заедничкото напроти приватните и конзервативните интереси на различни општествено – социолошки нивоа. Централна позиција во овој развоен, испитувачки и колаборативен проект има Железничка зграда во Скопје, културно наследство од 1946 год. со уникатни решенија за колективно домување во земјава, кое директно се соочува со неприликите на овие неколку декади. На симболично но и на репрезентативно ниво, оваа зграда соочува со (не)успесите на одржувањето на мноштвото во активен однос, но и задира во личните инхибиции – колку е важна дијалошката структура во заедничкото?

„ДЕЈВИ Д’ БОУВИ + ПАДНАТИТЕ ОД МАРС“ е постар сајд-проект на групата Фолтин. Дел е од серијата „Дијалози“ (заедно со “Comme moi, le Piaf” и “Foltin doin’ Morphine”), каде бендот свири получасовна селекција од репертоарот на еден омилен музичар, но со свој препознатлив израз и енергија. Овој материјал е изведен на затворањето на тематскиот „Дејвид Боуви викенд“ на брановите на „Канал 103“ во јануари 2007 година, а подоцна и на 10. АКТО Фестивал во Битола во 2015 год.

 



ПОП АП АКТО АКЦИЈА – тим

Филип Јовановски – уметнички директор и куратор
Ивана Васева – програмска директорка и кураторка
Илија Тирицовски и Александар Јовановски – куратори и координатори на музичка програма
Јана Колева – односи со јавноста
Елена Димитровска – координација и продукција
КОМА – графички дизајн

ПОП АП АКТО АКЦИЈА Битола е поддржан од Министерство за Култура на РМ, Фондација Фридрих Еберт – канцеларија Скопје, општина Центар