20[25]AKTO фестивал за современи уметности kако се прави? How it`s done? 2-5.10.2025

Концепт за фестивалот

АКТО фестивалот за современи уметности, основан во 2006 година, е еден од фестивалите во земјава што има најдолг континуитет на одржување и од позиција на вонинституционален сектор 20 години по ред создава простор за колективност и критичност, локална и интернационална соработка и место за споделување и дијалог. Осмислувањето на 20-тото, јубилејно издание на фестивалот, извади на површина една исклучително важна тема во локалниот контекст, а тоа се најразновидните предизвици, пречки, недоумици и двосмислености, но и предности во создавањето на една програма. Оттука произлезе и темата на годинешното издание – како се прави?, односно како настаните од културата се конципираат и се продуцираат, како се создаваат фестивалите, изложбите, перформансите во земјава, односно како се граделе и како се трансформирале фестивалските изданија и формати на АКТО, но и како се менувал и како се градел поширокиот вонинституционален контекст и неговата неминовна всаденост во општествено-политичките околности.

Поглед наназад

Трансформативната моќ на АКТО, во поглед на неговиот формат и географската лоцираност, како и неговата издржливост и резистентност, се покажаа како негови најсилни страни, ако не се земе предвид програмско-концептуалната вложеност што секогаш била со високи критериуми. Од друга страна, љубопитноста и испробувањето на потенцијалот на јавниот простор и ревитализацијата на социјалистичките згради (барем привремена) е главна карактеристика на АКТО и во текот на своето 20-годишно преобразување и менување АКТО бил присутен во многу јавни институции како Театарот, Музејот или Центарот за култура во Битола, но  запуштените или напуштените објекти биле секогаш во центарот на вниманието. АКТО го создавал својот облик во Битола најчесто во Офицерскиот дом, но и во поранешните хотел „Солун“, киното „Македонија“, куќата Алхамбра, поранешните фабрики Свилара, Битолатекс или Фрижидери, култниот Широк сокак, па сè до покриви на згради, простории на приватни фирми и кафе-барови и приватни дворови. АКТО ја донесе Мобилната/монтажна галерија од Скопје во Битола, изведе мурали во јавни простори во Битола, Скопје, Гевгелија, Прилеп, Кавадарци, Велес и Кочани, а во Скопје правеше фестивал во киното на Железничката зграда, кое прерасна во Лабораторија за просторно перформативни – практики Градот како сцена во Скопје и каде се гради АКТО 20. АКТО се обидувал секогаш да го направи кој било простор јавен и отворен, поставувајќи различни настани пред публиката.

Но, највоопштено, развојот на АКТО може да се подели во минимум два периода: АКТО – 2006-2020 година (период до пандемијата со вирусот КОВИД-19) и АКТО – 2020-2025 година. Од ова, 20-то по ред издание на АКТО насловено КАКО СЕ ПРАВИ? почнува нова фаза, која се надеваме ќе поставува поинакви иднини пред себе.

АКТО, 15 години по ред, од 2006 година до 2020 година, дејствувајќи во различни предизвикувачки затегнати, отворени, замрсени општествено-политички околности, вкотвувајќи се во Битола, но со свои програмски пипала и во други градови низ земјава (Штип, Тетово, Скопје итн.), се обидуваше да ги прослави современите уметнички практики што критички ги преиспитуваат постојните културни политики и доминантната култура. АКТО во овој период се обидуваше да создаде привремено место на социјализација, преиспитување на наследството, културно и социјално, и нивна критичка трансформација. АКТО дејствуваше децентрализирано, од Битола, активно и концентрирано во неколку летни денови во август, поканувајќи гости од светската уметничка сцена и обидувајќи се на македонската публика да ѝ ги претстави најновите продукции од областа на визуелната уметност, театарот, музиката, филмот под различни тематски рамки како „Уметност и храна“, „Брзина“, „Поколенија“, „Свадби“, „Работи (никогаш)“, „Публика“, „АКТО Час по природа и општество“, „Чекан, не огледало“, па различните поп-ап АКТО варијанти и различните пристапи кон општеството во изградба…

Оваа фестивалска целина ја заокруживме со издавање на печатена архива во форма на публикација, на македонски и на англиски јазик, секоја со вкупно 700 страници на сè што се случуваше дотогаш насловена „ЗБОРУВА АКТО! 2006-2020“.

Во следниот период, од 2020 година до 2025 година, во својата четиригодишна определба, АКТО го преиспитуваше значењето на прославувањето, ако го земеме предвид основното значење на зборот фестивал. АКТО во 2021, 2022, 2023 и 2024 година се обиде да исцрта проширено поле на тоа што е „фестивал“. Тој се движеше меѓу медиуми и формати што не се генерално поврзани со познатата фестивалска структура, со обиди на претставување во други градови надвор од земјава (Софија, Прага) преку продукција на сложени истражувачки потфати што резултираа со публикации, изложби, перформативни настани и со формирање Лабораторија за просторно-перформативни практики во киното на Железничката зграда во Скопје во 2025 година.

Во тие четири, постпандемични изданија, тоа го правеше со создавање на привремени неколкумесечни контексти на истражување, едукација и продукција, со потемелен ангажман кон причините на појавите на „Современите (не)демократии“. АКТО се обидуваше да ги прикаже латентните процеси на просторно окупирање и намалување на опсегот на слободниот човек-граѓанин, жител, корисник на еден град, како и да повика на критичка грижа кон заедниците кои имаат потенцијал да бидат во движење кон воспоставување нови значења на (јавниот) простор, но и на јавната сфера, во поширока смисла и значење. Годиниве, АКТО ја испитуваше темата на стеснувањето на јавниот простор преку различни пристапи на перформативни интервенции во јавен простор. Преку нив, се обликуваше идејата за колективен пристап на грижата за заедницата, поврзувајќи ја со концептот за грижата за колективните јавни простори, физички или концептуални, преку воведување на поимите за архитектонска практика на критичка грижа и преку истакнување и зачувување на значајни, транснационални и национални обиди за грижа, за заедништво, за солидарност со различностите.

Во 2025 година АКТО слави јубилеј, 20 години продукција на современа и независна културна и уметност. АКТО оваа година се случува неколку денови на иста локација, во случајот Киното и околината на Железничката зграда во Скопје, и е фокусиран на „славење“ на слободната мисла и правото на користење на јавните простори, правото на создавање на мултидисциплинарни уметнички активности, вклучувајќи различни заедници, уметници, експерти и граѓани. Но, и на соработката и поддршката на млади автори и студенти и активно вложување во едукативни процеси.

АКТО изминативе четири години продуцираше неколку програмски и концепциски линии и платформи што во 20-тото издание ќе бидат во фокусот на работата. АКТО активно работеше на активирање на заедницата и просторот во киното на Железничката зграда (почна да работи таму во 2015 година) и формираше платформа „Градот како сцена“ и Лабораторија за просторно перформативни – практики Градот како сцена.

Лабораторијата за просторно перформативни практики „Градот е сцена“ претставува интердисциплинарна и едукативна платформа, која во својот фокус го има истражувањето, разбирањето и создавањето на современиот јавен (изведбен) простор преку експериментален, процесен и колаборативен пристап. Покрај вклученоста на студентите и граѓаните во работа кој претставува основа за градење на содржината на проектите со кои ќе се занимава лабораторијата, ваквиот пристап овозможува и можност за активирање на соработка со разни институции на државата и локалната самоуправа, но и проектни соработки со слични колективи од регионот и од Европа кои веќе имаат остварено значителни успеси во процесите на одржување и надградување на вредностите поврзани со дискурсот на јавното во градовите.  Овој пристап на работа е започнат со долгорочниот проект „Кога зградите би зборувале“ (2014 – ) каде во фокус на работата беше урбаната заедница (станарите) во киното на Железничка зграда (јавен простор) во Скопје.

20-тото АКТО се отвори со мала тизер кампања со наслов ГОДИНИТЕ СЕ САМО БРОЈКА преку која порачуваме – Она што навистина се брои е истрајноста или потенцијалот да се издржи, да се продолжи, да се создава и тогаш кога контекстот (драстично) се менува.

20 години АКТО – продолжуваме.

20[25] AKTO програма

2.10.2025 [четврток]

Преднастан

19:00–20:00 – ЕКОЛОШКИ ИДНИНИ – АЛАТКИ – јавно предавање на Даниел Кунерт ARCH + / https://archplus.net/de

[Локација: Амфитеатар на Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – булевар „Партизански одреди“, 1000 Скопје].

Ова предавање е најава за тридневната програма на 20. АКТО фестивал што ќе се реализира во киното на Железничката зграда од 3 до 5.10.2025 година. 

„Еколошки иднини“ е заеднички проект на ARCH+ и Гете-институт насочен кон еколошките и социјалните предизвици на нашето време. Проектот обединува урбани практичари, уметници, културни чинители, жители, локални заедници, Гете-институти и нивните партнери за да ги истражуваат локалните политики и потреби, развивајќи идеи и практики што придонесуваат за социо-еколошка иднина. Сознанијата од овие соработки се документираат во фонд на алатки кој постојано се дополнува, а служи како архива на знаење и практичен ресурс за примена и на други локации.

Даниел Кунерт (ARCH+) ќе го претстави проектот, како и берлинското списание за архитектура и уметност ARCH+, залагајќи се за важноста на практики како што е „Градот како сцена“.

3.10.2025 [петок]

Официјална програма

[Локација: Кино во Железничка зграда, ул. „Борка Талевски“, бр. 26, 1000 Скопје].

19:30-22:00 

КИНОТО ВО ЖЕЛЕЗНИЧКА ЗГРАДА, ИЗГУБЕНА [МОДЕРНИСТИЧКА] УТОПИЈА

Просторна инсталација, разговор и проекција на филмови.

19:30 – THIS BUILDING TALKSПросторна интервенција/изложба во јавен простор (Кино во Железничка зграда) од архивата на проектот КОГА ЗГРАДИТЕ БИ ЗБОРУВАЛE 2015-2025. Долгорочен колаборативен проект на Филип Јовановски.

Бришењето, криењето или игнорирањето на трагите на заедништвото, солидарноста, одговорноста, од колективната меморија на локалната историја e само чекор кон акцелерирање на неолибералниот светоглед што ги приватизира и ги хиерархизира сите односи во општественото живеење. Сето ова води кон речиси непрепознатлива промена на локалниот контекст, влијаејќи и трансформирајќи цели заедници и различни општествени слоеви, како и на целокупното општествено ткиво. На средината на заедничкиот двор и заедничката киносала на станбената Железничка зграда одекнуваат прашањата: Како заедно да живееме подобро? А ехото сѐ повеќе го повторува прашањето во речиси руинираната зграда што ја чува идејата за заедницата, одговорноста и солидарноста во средината градот, разнебитен и корумпиран.

И токму тука можат да се отворат конфликтите што потенцијално креираат нови процепи во генералната општествена структура. Железничка зграда во Скопје е градена како периметарски колективен блок за живеење на вработените во Железницата на Југославија и е завршена кон крајот на 40-тите години на 20 век. Таа има сопствен двор, имала колективни перални што се трансформирале во станови по скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година, но и сопствено кино како заеднички простор, каде што во еден момент 400 деца гледале филмови.Токму солидарноста, заедништвото, одговорноста го градат скелетот, структурата или дизајнот на долготрајниот перформативен и колаборативен проект „Кога зградите би зборувале“, кој почна во 2015 година и сѐ уште трае.

Иницијативата „Кога зградите би зборувале“ е перформативно искуство што постои од 2015 година во Железничката зграда и е иницирано како долгорочен уметнички проект на Филип Јовановски во рамките на програмата на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Тоа се изведува себеси и постои преку перформативноста, т.е. изведува активен простор или заедница како естетски и етички процес на создавање односи и врски. Па, така, дизајнот на перформансот не е физички изградена кулиса, иако постои како архитектонски простор – киносала, туку е искуствен, обликувачки, емотивен и уметнички процес, формирачки и трансформативен, кој сака да стане заедница која ќе се грижи пошироко од уметничкото дејствување или прагот на сопствениот дом. Тој е составен од современ крос-дисциплинарен ангажиран пристап што обединува елементи од визуелните и изведувачките уметности, проширувајќи го нивниот обем и рамката и се залага за зачувување на значењето на јавното и јавниот простор.

Овој проект, кој беше претставен во рамките на Прашкото квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ2019), добитник е на главната награда „Златна Трига“ со следното образложение:

„Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа што ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст“.

(извадок од текстот Железничка зграда – перформативно искуство кое нè потсетува на нашата одговорност на Ивана Васева, објавено во книгата Оваа зграда зборува (на)вистина, Ивана Васева, Филип Јовановски, уред. (Скопје: Факултет за работи што не се учат – ФРУ, 2019), 8-33.

Филип Јовановски, дипломирал на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје во 2010 година, а магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје во 2019 година со проектот „Кога зградите би зборувале“.

Јовановски со неговиот изразен интердисциплинарен пристап истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – архитектура, визуелна уметност, театар, видео, филм и просторни инсталации. Најчесто уметничко изразно средство се просторните визуелни интервенции во јавен простор. 

Неговиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“ кој ја претставуваше Република Северна Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година ја доби главната награда „Златна Трига“.

Во моментот работи како стручен соработник на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје и предава предмет сценографија како експерт од практиката на Факултетот за драмски уметности при УКИМ во Скопје.

20:00-21:15 – Разговор: Интердисциплинарна колаборативна практика во земјава – студија на случај: Кога зградите би зборувале во Железничка зграда, Скопје.

Модератор: Владимир Јанчевски, Концепт: Владимир Јанчевски, Ивана Васева

Учесници: Зоран Петровски (куратор), Слободанка Стефческа (ликовна уметница, група ОПА).

Во глобалниот културен контекст интердисциплинарноста одамна се наметнува како неопходна методолошка насока што ги поврзува уметничките практики со различни научни, општествени и културни дисциплини. Таа овозможува нови форми на продукција на знаење и критичка рефлексија, надминувајќи ги строгите дисциплинарни граници и отворајќи можности за пошироки културни и општествени дијалози. Интердисциплинарниот пристап денес често се препознава како алатка за преиспитување на хегемонските наративи и епистемологии, за отворање простори на алтернативни толкувања, каде што уметноста се разбира како активен општествен чинител.

Денес, се чини повторно актуелно прашањето: каде е местото на интердисциплинарната практика во локалниот контекст? Кои се параметрите за нејзино дефинирање, нејзиниот потенцијал и нејзината рецепција? Уметничкото дејствување меѓу дисциплинарните граници, зајакнато со колаборативен пристап, во нашата средина сè уште е релативно ретка појава. Сепак, историски, можеме да се потсетиме на неколку парадигматични уметнички опуси: групата ДЕНЕС, Зелената гуска, Свети Никита Голтарот, групата Зеро, како и на соработките и акциите на Симон Узуновски, Милош Коџоман и Драгољуб Бежан. Овие иницијативи, иако во рамките на тенденцијата за поврзување на уметничките дисциплини, отвораа простор за експериментирања во различни полиња, кои не само што ги кршеа традиционалните начини на изложување туку воспоставуваа и нови модели на рецептивност со изразен критички потенцијал.          

Преку вакви практики се покажува дека интердисциплинарноста може да ја збогати уметничката сцена со нови јазици, методи и перспективи, создавајќи нови поврзувања меѓу уметноста, науката, архитектурата, урбанизмот, литературата или активизмот. Таа не само што го проширува полето на уметничката продукција туку и отвора прашања за улогата на уметноста во обликувањето на колективната меморија и во артикулирањето на општествените промени.

Во рамките на изложената просторна инсталација што го архивира долгогодишниот интердисциплинарен проект „Кога зградите би зборувале“ на Филип Јовановски, на оваа тема, свое видување ќе понудат неколку културни работници, куратори, историчари на уметност, истражувачи и критичари, потсетувајќи дека уметноста во својата интердисциплинарна димензија е секогаш и форма на дијалог – со просторот, со заедницата и со времето во кое настанува.

21:30-22:00 – Селекција на филмови на колективот Floating University од Берлин.

Концепт: Давид Нил Морси и Кристин Лаз [Floating University].

4.10.2025 [сабота]

[Локација: Кино во Железничка зграда, ул. „Борка Талевски“, бр. 26, 1000 Скопје].

12:00-12:30 ЕКОЛОШКИ ИДНИНИ – АЛАТКИ ЗА ГРАДЕЊЕ НА ЗАЕДНИЧКИ ПРОСТОРИ [од Скопје до Eреван] – интервенција/изложба во јавен простор (двор во Железничката зграда) + презентација на проектот од Даниел Кунерт (ARCH +).

https://www.goethe.de/en/kul/bku/elf.html

Еколошки иднини се занимава со еколошките и социјалните предизвици што ги поставуваат климатските промени и општествените случувања. Ги здружува актерите од урбаната практика, уметноста и културата и жителите на соседството, Гете – институтите и нивните партнери за да се справат со конкретни проблеми и конкретни можности во нивните соседства и да истражуваат практични можности и развиваат стратегии за социо-еколошка иднина. Сознанијата од овие соработки се документирани во постојано растечки комплет алатки кој служи и како анархива на знаење и како практичен ресурс за употреба на други локации. Проектот е во рана фаза и ќе се развива со текот на времето преку неговата имплементација низ целиот свет, обликуван од работата на лице место и вклучените локални иницијативи.

https://archplus.net/de/ecological-futures-un-oaaltra-casa-/
https://www.goethe.de/en/kul/bku/elf.html

Кураторски тим: Гете-институт: Петра Рогел, Ева Шмит; ARCH+: Кристијан Хилер, Даниел Кунерт, Зита Леутгеб, Алекс Немер, Ан-Лин Нго

Дизајн:  Колективни дела (Питер Зудервијк, Карин Миентјес)

Гете-институти кои учествуваат: Гете-институт Јордан, Гете-институт Анкара, Гете-институт Барселона, Гете-институт Србија, Гете-институт Ерменија, Гете-институт Португалија, Гете-институт Рио де Жанеиро, Гете-институт Рим, Гете-Институт Северна Македонија.

Еколошките иднини е проект на ARCH+ и Гете-институт

Просторен концепт и дизајн на поставка во рамките на програмата на 20[25] АКТО:

Димитар Милев, Екатерина Добривојевска, Филип Јовановски во соработка со колективот ARCH+.

12:30-16:00 Како се прави? / How it`s done? Искуства на издржливост

[behind the scenes]

. Дискурзивна АКТО програма. 

Концепт: Филип Јовановски

12:30-13:15 – ГРАДОТ ЉУБОВ

Белградски урбани оази – механизми на истрајност во партиципативни процесиЗорица Милисавлевиќ-Милојковиќ (Белград)

Проектот „Урбани оази во Белград“ има за цел да ги обнови и ревитализира урбаните простори преку директна соработка со локалните заедници. Покрај Гете-институтот, кој го иницираше проектот, во имплементацијата на проектот учествуваат и Архитектонскиот и Шумарскиот факултет при Универзитетот во Белград, Белградска недела на архитектурата (БИНА), како и локални институции и организации кои ги поддржуваат лицата со развојни попречености. Проектот вклучуваше три внимателно одбрани локации во Белград, со специфични потреби и потенцијал за ревитализација. Првата локација е околу Центарот за интеграција на млади (ЦИМ) во Звездара, каде што, со помош на деца и студенти, е уреден мултифункционален простор за игра, дружење и едукација. Втората локација е област во близина на Центарот за сместување и дневно згрижување на деца и млади со развојни попречености „Чукарица“, која студентите на Шумарскиот факултет, во соработка со локалната заедница, ја претворија во зелени површини и урбани градини како места за одмор. Третата област се наоѓа во Арборетумот на Шумарскиот факултет на Баново Брдо, каде што студентите на магистерските студии на Факултетот дизајнираа образовен простор со летна училница, амфитеатар, тематски патеки и предмети изработени од природни и рециклирани материјали. Проектот „Урбани оази во Белград“ промовира одржливост, учество, инклузија и креативност, со цел подобрување на квалитетот на

животот и зајакнување на социјалните врски во рамките на градските заедници во Белград.

Викенд на гордоста, СкопјеСлавчо Димитров (истражувач, теоретичар, активист и куратор, Коалиција Маргини)

Како изгледа кога реновирањето на ремек-дело на модернистичката архитектура трае 20 години?Борис Бакал (Фрлачи на сенки, Загреб)

Иван Витиќ е авторот на конкретната станбена модернистичка зграда, изградена во 50-те години во Загреб. Проектот зборува за трајноста, жилавоста и посветеноста на една група уметници и активисти кои години посветија  оваа зграда да оживее. 

Борис Бакал и Shadow Casters работат веќе дваесет години во оваа зграда. Филм/зграда/претстава, прва другарка на железничка зграда во Скопје 🙂.

Примерот на зградата ВИТИЌ беше една од инспирациите за проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина”.

13:15-13:30 – пауза

13:30-14:15 – ГРАДОТ ДРУЖБА

we must be very strong / and love each other / in order to go on living[1]Кристина Леловац (кураторка на изведувачката програма на фестивалот „Прво па женско“, Скопје)

Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО промовира разновидни пристапи во промислувањето и репрезентацијата на родот во уметноста и критичките практики, низ преиспитување на доминантните наративи, оспорување на стереотипите и одржување безбедна и инклузивна платформа на која гласовите на различните малцинства и маргинализирани групи стануваат дел од мејнстримот. Како единствен фестивал на феминистичката култура и активизам во земјата, ПРВО ПА ЖЕНСКО го промовира феминизмот, придонесува за суштинско препознавање на женската интелектуална и креативна работа и ги поддржува напорите на активист(к)ите за женски и ЛГБТИ+ права. Почнувајќи од 2013, секоја година, неколкудневната интердисциплинарна програма вклучува изложби, предавања, перформанси, концерти, презентации, панел дискусии, промоции на книги, диџеј сетови, активности за деца и млади, работилници, кои претставуваат различни рефлексии на феминизмот во теоријата и уметноста. Вкоренет во феминистичките вредности, фестивалот ги промовира еднаквоста, недискриминацијата, грижата, инклузивноста, заедништвото, солидарноста, сојузништвото и интерсекционалноста како столбови на слободните, праведни и инклузивни општества.

Општествена градина „Бостание“ – Лобода или крт? – Димитар Самарџиев (Бостание – општествена градина, Скопје)

Општествената градина „Бостание“ е дел од паркот во Ново Лисиче и зафаќа површина од 3.000 м². Основањето и развојот на општествената градина „Бостание“ произлегува од проектот со наслов „Развој на прва урбана градина во град Скопје“ – осмислен и изведен од граѓанското здружение „Зелената арка“, а финасиран од Град Скопје од 2019 до 2021 година. Оттогаш „Бостание“ делува среќно подзаборавено од градските власти и вирее благодарение на самопридонесот од здружените градинар/ки и „Зелената арка“. Во „Бостание“ освен што заемно семенуваат и култивираат луѓето, се одгледуваат зачински и лековити билки, зеленчук и овошје, без употреба на вештачки ѓубрива, синтетички пестициди, инсектициди, хербициди и фунгициди. Оваа заедница во зародиш, се стреми да ги поткрепува локалниот агробиодиверзитет, меѓусебното дообразование и вкоренувањето во јавниот простор. Бостанието тлее под чадот – организирајќи работилници, образовни посети за училишта и градинки, јавни културно-уметнички настани – како поттик и други да трупаат градинамит во почвата низ (при)градското подрачје.

Како се прави ЗЕМЈОТРЕС?Виолета Качакова и Филип Тасевски (Земјотрес – фестивал на домашна свежа музика)

Земјотрес – фестивал на домашна свежа музика

13 изданија во Скопје/МКЦ (2012-2025), 2 изданија во Битола (2015, 2018 – АКТО)

„Земјотрес“ е DIY фестивал, што подразбира некомерцијален и бескомпромисен однос кон она што значи музика и алтернативна сцена. „Земјотрес“ е единствен музички настан во земјава и пошироко, кој функционира како платформа на самостојни домашни музичари и независни издавачи, преку селекција и претставување на најновата музичка продукција. Фокусот во програмската ориентација е ставен на новите и надоаѓачки музичари, но секако нуди простор и за докажани имиња со нови изданија. Во тој контекст, фестивалот функционира како отскочна штица за новите генерации музичари и можност за нивен подоцнежен пробив на сцената. „Земјотрес“ е фестивал од голем обем на кој, во текот на една вечер, на три сцени настапуваат околу дваесетина изведувачи, пред многубројна, пред сè, млада публика. На тој начин, фестивалот претставува и своевиден регрутен центар и барометар на вкусот кај публиката што тукушто почнува да посетува културни настани.

14:15-14:30 – пауза

14:30-15:15 – ГРАДОТ КОЛЕКТИВ

Списание МАРГИНАНикола Гелевски (издавач)

Предизвици на колективот, кога снемува ресурси – Давид Нил Морси и Кристин Лаз (Floating University, Берлин)

„Floating University Berlin“ е експериментален простор за спознавање на поврзаноста меѓу природата и културата, заеднички труд на повеќе од 50 уметници, дизајнери, архитекти, научници, инженери, соседи и деца. Сместен во напуштениот басен за задржување дождовница во близина на поранешниот аеродром Темпелхоф, овој хибриден простор функционира како составен дел од некогашниот систем за управување со води, а истовремено служи и како живеалиште на мочуришни растенија, птици, жаби, лилјаци и лисици.

Кампусот, кој е изграден со употреба на материјали со низок ризик за животната средина, вклучува прототипови на системи за филтрирање вода и служи како полигон за тестирање практики на одржлив дизајн. Денес, „Floating University“ вклучува широк спектар на внатрешни и надворешни културни и образовни програми, поттикнувајќи дијалог за односот меѓу луѓето, урбаните средини и светот што не е само човечки. Проектот има амбиции да стане „двигател на трансформација“, отворајќи го патот за хибридна инфраструктура која интегрира еколошки, социјални и јавни вредности во долгорочниот развој на просторот.

Архива ЗаУм: искуства и пикантерииОПА (Архива ЗаУм)

Архивата „ЗаУм“ е проект на „ОПА фондација“ (ентитет произлезен од групата ОПА), чиј интерес се практичните, утилитарни решенија и конструктивните уметнички практики. Проектот „ЗаУм“ се бави со дигитализација и онлајн споделување на широк опсег на материјали. Се јавува од потребата да се приберат на едно место што повеќе материјали за модерната и современата македонска ликовна уметност. Нашиот став е дека знаењето надградувано со генерации е јавно добро, чиј пристап не смее да биде ограничен. Архивата е потпомогната и континуирано дополнувана со материјали од голем број на соработници.

20:00-21:30 ВИТИЌ ТАНЦУВА

Режија: Борис Бакал / Хрватска / 2023 / 90’, 

Разговор за филмот со Борис Бакал — искуство на обновата и архитектурата како заедничко добро.

Модератори: Димитар Милев и Кристин Лаз

„Витиќ танцува“ е долгометражен документарен филм на концептуалниот интермедијален уметник Борис Бакал и уметничката организација „Фрлачи на сенки“ (Bacači sjenki) за дваесетгодишната борба на станарите на Витиќевиот облакодер за обновување на повеќестанбената зграда во Загреб, ремек-дело на модернистичката архитектура, која на тој начин станува метафора на целото општество. Хипертекстуална приказна за истражување на целта и залудноста на индивидуалното застапување за општото добро.

Филмот опфаќа период од околу петнаесет години, а преку архивски снимки и сведоштва на поранешни и сегашни жители на Витиќевиот облакодер, архитекти, активисти и други инволвирани актери, се обидува да воспостави свест за инфраструктурата во служба на заедницата. Со помош на афирмативните практики на домување и кохезивната функција на архитектурата, во фокусот на интерес на филмот е Витиќевиот облакодер, изграден на крајот на педесеттите години од 20 век во Загреб, како пример за имплементација на модернистичка архитектура во урбаниот пејзаж.

Тоа е зградата во која се рефлектираа сите клучни општествени моменти и несогласувања. Вреден и долго запоставен споменик на културата, Витиќевиот облакодер истовремено е и показател за систематска негрижа кон социјалистичкото наследство, но и за парадоксот на поранешниот систем. Нормализацијата на клиентелизмот и корупцијата, недоволниот капацитет за домување во Загреб, систематското запоставување на јавните простори и отсуството на урбанистичко планирање се теми што се рефлектираат во филмот на Бакал со облакодерот како главен протагонист.

Филмот е дел од програмата: „Обнова, огледало и слики на сеќавањето“, концепт: Борис Бакал и Сандра Ускоковиќ.

Во чест на 20-годишнината на фестивалот АКТО, во соработка помеѓу ФРУ и „Фрлачи на сенки“ (Борис Бакал и Сандра Ускоковиќ), предлагаме двојна филмска програма во киното-во-обнова во Железничарската зграда (завршена во 1947). Железничарската зграда, со својот некогашен кинопростор, повеќе од една деценија е во фокусот на заеднички иницијативи на ФРУ и „Фрлачи на сенки“. Со овој настан сакаме да ја истакнеме важноста на неговата обнова и културна ревитализација – по примерот на обновата на „Витиќевата зграда“ во Загреб (Лагињина 7 и 9, арх. Иван Витиќ, 1962), реализирана како партиципативна културна практика.

Програма: Документарен филм „Витиќ танцува“ (2023). Режија: Борис Бакал. Прикажан на 25 меѓународни фестивали и награден со 9 признанија, филмот го истражува наследството и сопственоста на модернистичката архитектура на Иван Витиќ.

„Ран филм – Cined Origins“ (1895-1907). Колекција од 20 кратки филмови снимени во Франција, Египет, Италија, Виетнам, Велика Британија и Шпанија.

5.10.2025 [недела]

10:00-16:00 КАКОВ ГРАД? – интервенција во јавен простор, едукативна [за деца] и музичка програма и перформативно готвење во живо.

[Локација: Двор и кино во Железничка зграда, ул. „Борка Талевски“, бр. 26, 1000 Скопје].

Настанот КАКОВ ГРАД? претставува еден од серијата јавни настани/интервенции во јавен простор развиени во рамките на едукативната платформа Градот како сцена: Изведување на јавниот простор.

Работата во рамките на платформата Градот како сцена: Изведување на јавниот простор се надоврзува на неколкугодишното истражување и работа на интердисциплинарниот уметник и архитект Филип Јовановски во рамките на програмските активности на организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ во насока на истражување на јавни простори и подоцна продукција на истражувачки перформативно-театарски проекти(претстави)/интервенции за истите простори. 

Еден од главните фокуси во рамките на оваа платформа е активирање на просторот на киното во Железничката зграда, како потенцијален заеднички простор што треба да го користи пошироката заедница на граѓани. Во таа насока, настанот КАКОВ ГРАД? исто така отвора, иницира идеи во која насока сакаме ова кино да го активираме да биде активно за пошироката заедница. Ги истражуваме капацитетите на киното во Железничката зграда и неговиот потенцијал да стане активен простор за заедницата, користејќи веќе постојни ресурси што претставуваат основа да се изгради/осмисли оваа просторна инсталација што треба да зборува за потенцијалот на овој јавен простор со цел да стане функционален и корисен за заедницата.

12:00-13:00 – „Ран филм – Cined Origins“ (1895-1907)

Концепт и вовед: Борис Бакал — филмот како манипулација: техничка и политичка димензија.

Колекција од 20 кратки филмови снимени во Франција, Египет, Италија, Виетнам, Велика Британија и Шпанија. Автори: Луј Лимиер, Александре Промио, Габриел Вејр, Луин Фицхамон, Сесил Хепворт, Гастон Вел, Сегундо де Чомон, Роберт Вилијам Пол, Жорж Мелиес и други пионери.

[Дискусија по проекцијата]

Да се оживее потенцијалот на киното во Железничарската зграда и да се нагласи неговата обнова. Преку филм да се отвори разговор за заедничкото наследство, односот кон архитектурата и историјата. Да се активира локалната заедница преку гледање филмови и дијалог.

12:00-16:00 – МААЛСКИ ПЕРОН (Бистро на еден ден)Пријатели/ки на киното во Железничка зграда

Кафе со другарите/ке од „The Dude“

The Dude Specialty Coffee е симбол на современата кафе-култура во Македонија. Сместено во автентична стара скопска куќа, кафулето нуди уникатен амбиент што ја спојува топлината на традицијата со свежината на модерниот урбан живот. Тука секој агол е создаден за инспирација, а секоја шолја е патување низ светот на вкусови.

The Dude се издвојува со беспрекорна посветеност на специјалното кафе. Зрната се внимателно одбрани од реномирани мали фарми, а секое кафе е подготвено со прецизност и страст. Баристите се вистински занаетчии кои умеат да ја истакнат природната комплексност на зрното – од деликатни овошни и цветни ноти до длабоки чоколадни и карамелни тонови.

Оваа посветеност не остана незабележана. The Dude е избрано во престижната листа на 100 најдобри кафетерии во светот и е прогласено за најдобро specialty coffee во Македонија според European Coffee Trip. Овие признанија се доказ дека малото скопско кафуле ја пишува својата голема приказна на светската кафе-мапа.

Но, The Dude е повеќе од место за кафе. Тоа е заедница, точка на средба и простор каде што љубовта кон кафето станува заедничко искуство што се памети.

Ручаме солидарно (што и да значи тоа) – перформативен настан, готвење со колективот Floating university, ФРУ/АКТО и театарската група ШТРИХ.

Овој настан е дел од програмската линија РЕ-УПОТРЕБА # 2 – Сценографско просторни  интервенции [во јавниот простор] како алатка за градење еколошки иднини.

Модул: ИДНИНАТА НА КИНОТО [релациите] ВО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ЗГРАДАмодели на управување преку [урбано] готвење.

[Серија од работилници, работни процеси и јавни настани во рамки на Лабораторијата за перформативно просторни практики: Градот како сцена во периодот мај – ноември 2025].

Концепт и ментор: Филип Јовановски, креативна продукција и координација: Димитар Милев, креативен тим: Екатерина Добривојевска, Екатерина Николовска, Ивана Јовановска. Ментори соработници: Кристин Лаз и Давид Морси (Пловечки универзитет Берлин), Миодраг Куч (ZK/U Берлин), Конрад Браун (Haus der Statistik Берлин), Борис Бакал (Фрлачи на Сенки – Загреб), Владимир Јанчевски (МСУ Скопје), ARCH+ (Берлин), изведбен колектив ЛИГНА (Хамбруг), Никола Узуновски (Скопје).

Пијан Славеј [нова македонска шансона]

„Пијан Славеј“ е музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата „Фолтин“, во чие срце е идејата да се креира една нова македонска песна, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.

„Песни што се потпираат на оригиналноста и шармот на неговите стихови (од кои ’Парфем‘, ’Крв да ни се стори‘, ’Сонце‘ веќе солидно се извртеа на социјалните мрежи), но уште повеќе со енергијата што се чини само нему му е својствена, а нам на навивачите и тоа како позната. Притоа, возен од неговите придружници инспиративно слезе до срцевината на македонската поп-сцена од седумдесеттите (во интерпретацијата можеше да се почувствува ехото на еден пејачки маг како што е Диме Поповски, или згора драматиката на Зафир Хаџиманов…), си дозволи наново да им се обрати на значајните претставници на шансоната во глобални рамки.“

(Љупчо Јолевски)

Музичка група ТРЕТО КОЛЕНО (Битола)

Сосема нова авторска музика создадена од креативни „сродни души“. Кога се чини дека жанровите во музиката се исцрпени, свежина стигнува од подножјето на Пелистер и нуди сосема поинаков инструментално-вокален калеидоскоп од фузијата на будните соништа на Дејан Марковски-Деки: вокал и гитара, Пеце Трајковски-Брада: перкусии, хармоника и глокеншпил.

Дејан Марковски, роден во Битола, е музички изведувач и автор околу 15 години. Низ

времето член на неколку кавер бендови и неколкугодишно искуство со барски свирки. Во меѓувреме, патувач и уличен изведувач низ земјите во Европа, последните 4 години.

Пеце Трајковски, роден на 27 мај 1981 во Битола, музичар, член и коавтор на групите „Фолтин“ и „Пијан Славеј“; композитор на театарска и филмска музика, како и актерско учество на сцена; идеен творец, програмски раководител, организатор на НУ „Манифестација Смилевски Конгрес“ и нејзините оф програмски активности, како „Kooperacija Sessions“ и сл. Зад себе има 11 студиски албуми, авторска музика и сценско учество во над 30 театарски претстави во земјава и странство, авторска музика и актерско учество во 13 филмови, вклучувајќи ја и музиката за номинираниот во две категории на 92. „Оскари“ и добитник на три награди „Санденс 2019“, „Медена земја“.

Музичка група СИЗ (Скопје)

SIZ (СИЗ) е power duo кое понекогаш мутира во трио. Типичен доказ дека самоуправувањето функционира! Бенд што најдобро го опишува маркантниот Џон Роб:

Тоа е возбудлив енергичен судир на рифови, како самоувереноста на Џон Спенсер, сервиран преку инвентивната гитарска расправија на Fire Engines, тоа е фри џез, тоа е панк-рок, тоа е фанк… Ова не е опција за мрзлив ноиз, туку високоинтелигентен судир на рифови што звучат како оној остар и аголен британски пост-панк. Сиз гради храбра нова иднина од реликвиите на пост-панкот и звучи крајно воодушевувачки и откачено.

Ова е музика на која танцувате и музика што ве тера да размислувате. Нема мрзливи моменти. Ова е музика соголена до коска и експлодира од идеи. Нивните рифови ги прават да звучат како бендот за кој сонува „Домино рекордс“ секоја вечер или за кои Франц Фердинанд би ги заменил сите нивни големи хитови или за кои Fire Engines би се вратиле од музичкиот гроб.

Indog винил диџеј-сет

Индог е илустратор, радиоводител и музички селектор кој црпи инспирација од супкултурата, слободата на подиумите, ерата на тек хаус музиката и летото на љубовта во Скопје. Со 25-годишно искуство во областа на дизајнот, радио и промоција на културата, тој сè уште го бара совршениот термин за да го инкапсулира сето она што го прави, но ужива во секој момент од тоа. Во 2020 година, тој го почна поткастот „Celebrate Life“, мотивиран од пандемијата за да иницира дискусии за важноста на свеста за менталното здравје.

Креативна работилница 5 до 12

https://5do12.com.mk/

5 до 12 е мала креативна работилница основана во мај 2018 година од Стефанија Атанасовски. Во 2021 година го добива своето катче во центарот на Скопје, кое е тука да ве потсети дека среќата и убавината се во малите нешта.

Со пасија за претворање на идеите во реалност, 5 до 12 нуди исклучителни дизајн решенија и ветува дека секоја изработка е уникатна и неспоредлива – оставајќи долготраен впечаток кај купувачите. Специјалноста на овој бренд се добро познатите приврзоци со миленици со кои почна целата приказна и го зграпчија вниманието на публиката на прв поглед. Палетата производи постојано се менува и се надополнува, но како главни производи можат да се издвојат: приврзоци, беџови, обетки, подлошки за чаши, текстилни производи како облека и додатоци, честитки, магнети, принтови…

Во студиото на 5 до 12 можеш да просведочиш како твоите идеи стануваат реалност и да откриеш цел нов свет на имагинација.

Издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ

https://iliili.com.mk/za-nas/

ИЛИ-ИЛИ е издавачка куќа основана во 2003 година. Нашите издавачки политики се фокусираат на превод на белетристика со високи книжевни вредности од повеќе јазици (21 европски јазик), успевајќи да се наметнеме како признат издавач со конзистентна и висококвалитетна програма, избегнувајќи ја сè повеќе присутна комерцијализација. Ова покажува дека нашата уредувачка политика не е фокусирана само на најбогатите и на најбогатите најпопуларна англофонска литература туку и на широк спектар јазици, со цел да ја запознаеме нашата читателска публика со разновидна поетика и наративна структура, со популарни или помалку познати автори, но со еден заеднички именител: книжевна понуда со висококвалитетен литературен превод.

Исто така, би сакале да го нагласиме и нашиот интерес за откривање на млади, локални автори кои преку изданијата успеаja да постигнат сериозен авторски статус. Неколкумина од нив ги освоија најзначајните национални книжевни награди („Стале Попов“ на ДПМ, „Роман на годината“…), а учествуваа и на многубројни регионални и европски манифестации. Наше големо задоволство е што тројца од авторите чии дела се во наше издание се победници и на Европската награда за литература: Лидија Димковска (Резервен живот, 2013), Ненад Јолдески (Секој со своето езеро, 2016) и Петар Андоновски (Страв од варвари, 2020). Секако, ова придонесува за понатамошен развој и успех на наградените автори, како и за важноста и видливоста на македонската литература во европски рамки.

И на крајот, но не помалку важно, уживаме во секојдневната комуникација со читателите во нашата книжарница во центарот на Скопје, каде што организираме многубројни промоции и настани, но и во други делови на Македонија, онаму каде што нашата работа е препознаена и почитувана.

Пивара БАК

https://bak.mk/

Пивски ентузијасти инспирирани од личната љубов кон добро пиво, иако професиите им се во светот на класичната музика и стоматологијата. Оттука, БАК не е само КРАФТ ПИВО, тоа е и уметност и прецизност во создавање на аромите, вкусовите и стиловите на сите видови пиво. Потребни се четири основни состојки за да се направи пиво: хмељ, вода, јачмен и квасец.

Ние во БАК додаваме уште две состојки,

тие се СТРАСТ И ЉУБОВ КОН ВРВНО ПИВО.

Детска ликовна работилница Креативна игра

Концепт: Доротеј Нешовски

Децата и родителите заедно прават „мини-град“ – секој учесник создава по една куќа, парк, мост или нешто по своја желба. Моделираат со глина и со рециклиран материјал и боење на изработка. Се охрабруваат да додадат нешта што недостигаат во нивниот реален град (на пример: повеќе дрвја, игралишта, мостови со виножито, згради во форма на животни). Сите модели се поставуваат заедно на голем картон на подот → така се создава „Градот од соништа“. Целта на оваа работилница е да се поттикнат децата и родителите да размислуваат за градот во кој живеат, како го доживуваат јавниот простор и како тие би сакале да изгледа во иднина – преку игра, цртеж, моделирање и колективно градење.

Проектот 20. АКТО фестивал за современи уметности е поддржан од ГЕТЕ институт Скопје во партнерство со водечкото германско списание во областа на архитектурата и урбанизмот ARCH + и Министерство за култура и туризамна Република Северна Македонија.

Продукција: Лабораторија за просторно изведувачки практики Градот како сцена во рамките на програмите на платформата за современа уметност и култура „Факултет за работи што не се учат“ – „АКТО фестивал за современи уметности“. 

Партнери на проектот Градот како сцена: еколошки иднини: ГЕТЕ институт Скопје, ARCH +, Архитектонски факултет – УКИМ Скопје, ЗК/У-Берлин – Институт за уметност и урбанизам – Берлин, Пловечки универзитет – Берлин, Факултетско студентско собрание – Архитектонски факултет – УКИМ Скопје.

Организација: Организација за култура и уметност: Факултет за работи што не се учат – ФРУ/АКТО фестивал

20[25] АКТО тим:

Уметнички директор и кураторски концепт:

Филип Јовановски

Креативна продукција и програмска координација:

Димитар Милев

Креативен тим и соработници на програмскиот концепт: 

Димитар Милев, Екатерина Добривојевска, Калина Трајановска, Мартина Пенева

Продукција и стручна поддршка:

Александар Јовановски 

Визуелен концепт

АКТО

Графички дизајн:

Стефан Танков

Кураторска поддршка:

Ивана Васева

Финансии и продукциска поддршка:

Благица Петрова

Односи со јавност:

AKTO

Социјални медиуми:

Екатерина Добривојевска


[1] Lorde, Audre (1969) „Equinox“.